Реал рамо до рамо со Ливерпул контра УЕФА: Како Париз доби домаќинство и кој е одговорен за хаосот на фановите

Сите бевме сведоци на немили сцени на финалето во Париз, кога навивачи без билети успеаја да влезат на стадионот, а натпреварот доцнеше 36 минути. Имаше и такви кои со уредно платени билети не успеале да влезат во арената, жалејќи се на ненормален однос од француската полиција и обезбедувањето на стадионот.

Ливерпул се огласи веднаш по финалето со соопштение, а сега на таков чекор се реши и вториот финалист, шпанскиот гигант Реал Мадрид. „Кралевите“ со официјален допис ја прашуваат УЕФА како Париз го доби домаќинството за финалето, но и бараат одговорност за хаосот околу стадионот во кој беа вклучени навивачи на двата тима. Воедно, Реал ги потврди тврдењата на Ливерпул дека и шпанските фанови биле жртви на непрофесионален однос на обезбедувањето, со што паднаа во вода изговорите на Французите дека англиските хулигани се виновницните за доцнењето на големото финале.

„Со оглед на немилите случувања кои се случија на 28 мај во близина на влезот на Стад д Франс, вклучувајќи и внатре во стадионот, Реал Мадрид сака да го изјави следното, во одбрана на нашите навивачи кои беа жртви на овие случувања.

  1. Сакаме да знаеме кои беа причините кои мотивираа да се одреди местото каде ќе се игра во финале и кои критериуми се земени во предвид со оглед на она што се случуваше
  2. Исто така бараме одговори и објаснувања кои ќе утврдат кој е одговорен што навивачите останаа без помош и одбрана. Настрадаа и некои навивачи чие однесување во секој момент беше примерно

Разбираме дека она што требаше да биде голема фудбалска прослава за сите навивачи, се претвори во немили сцени, кои предизвикаа огромно огорчување низ Светот.

Како што се гледа на снимките, а кои се објавени во медиумите, многу навивачи насилно се нападнати, малтретирани и ограбени. Некои случувања се случуваа кога се возеа со автобусите во автомобилите, каде се плашеа за својата сигурност. Поединци дури мораа да преноќат во болница поради повреди.

Фудбалот во светот пренесе слика која е далеку од вредностите и целите кон кои секогаш мора да се стреми. Нашите навивачи заслужуваат одговори на овие прашања, за ситуациите кои се случија во финалето секогаш да се искоренат од фудбалот и спортот генерално“, стои во соопштението на Реал Мадрид.

Се вчитува...