Реал ќе распродава играчи за 200 милиони евра!

Реал Мадрид вообичаено во месец јули веќе има „пазарено“ најмалку една фудбалска мегаѕвезда за наредната сезона, но тоа воопшто не е случај во текот на ова лето, во кое најтрофејниот европски клуб нема ниту конкретни разговори за ангажман на нов фудбалер. Причина не е фактот што се уште е во тек актуелната сезона, туку фактот дека претседателот Флорентино Перез поради коронавирусот не планира да влегува во огромни инвестиции.

Се уште е неизвесно кога стадионите би можеле да се наполнат со навивачи, што носи и голема неизвесност за најбогатите клубови, кои не можат да ги планираат приходите. Токму поради ова, Перез решил да не прави речиси никакви промени во играчкиот кадар, да се задржат сите играчи на кои Зинедин Зидан смета, а да се продадат оние кои ионака немаа преголема минутажа сезонава.

Весникот „Марка“, кој важи за добро упатен во случувањата во Реал Мадрид, информира дека проценките на Флорентино се дека „кралевите“ летово можат да заработат 200 милиони евра од трансфери, пари што следното лето би ги инвестирал во ангажман на Килијан Мбапе.

Распродажбата почна со Ашраф Хакими, кој веднаш по враќањето од позајмица од Борусија Дортмунд беше продаден на Интер за 45 милиони евра. „Кралевите“ очекуваат слична сума и за Дани Себалјос, иако плејмејкерот не воодушеви доволно за неговиот договор да биде откупен од Арсенал. Герет Бејл повторно е актуелен за заминување, прашање е колкава отштета би можел Реал да добие за овој играч, но голем плус во секој случај би било откачувањето од неговата превисока плата – 60 милиони евра за преостанатите две години од договорот.

Маријано Диаз повторно е интересен за Лион, трансфер што би чинел 30 милиони евра, а Хамес Родригез веќе ги спакува куферите и прашање е само дали ќе си замине во Атлетико Мадрид или во некој од премиерлигашите што сакаат да го видат во своите редови.

Се вчитува...