Real Madrid Foundacion Campus Experience со ново изненадување во Охрид

Фудбалската приказна на Real Madrid Foundacion Campus Experience продолжува во Охрид. Светскиот гигант својот втор камп ќе го има од 14 до 18 јануари 2019 на брегот на Охридско езеро, каде фудбалери на возраст од 7-17 години ќе имаат можност да уживаат во ново незаборавно доживување и да ги учат тајните на фудбалската игра.

Влатко Тодев, првиот човек на „Еуро спорт арена“, лиценцираниот партнер на Реал Мадрид Фондација во Македонија, најавува ново огромно доживување и искуство за учесниците на „кралскиот камп“.

„Првиот камп во Скопје доби фантастични оценки од Мадрид, а задоволство беше присутно и кај секој учесник. Ја продолжуваме приказната и ова ќе биде почеток на една долга 2019 година која ќе донесе многу „кралски изненадувања“. Кампот како проект е планиран да биде своевидна база за селекција на млади играчи, на кои им е потребна надградба во секоја смисла на зборот. Сето она што ја комплетира личноста на фудбалерот го нудиме на кампот, во областа на спортот, едукација за здрава исхрана каде ќе се истакне важноста на правилната исхрана во развојот на секој спортист. Според програмата и правилата на Фондацијата на кралскиот клуб сите членови на кампот мора да имаат максимални услови, опрема и стручна помош за сопствено усовршување, едукативни предавања на теми кои се реална потреба за здрави спортисти, дружење и многу забава“, вели организаторот на Real Madrid Foundacion Campus Experience.


Концептот на кампот е низ дружење и забава да се навлезе во тајните на успехот, секој фудбалер спортски, но и сеопфатно да се надгради.

„Фудбалот се учи на терен, но теоријата ја засилува комплетната личност на фудбалерот. Затоа на нашиот камп тренерите од Шпанија ќе имаат едукативни предавања за неколку суштински точки: респект, самоконтрола, иницијатива, напорна и тимска работа, и едукација за здрав живот и здрави навики. Во текот на својот престој на кампот, покрај двојната доза фудбал, нашите кампери ќе имаат можност да се дружат и забавуваат со деца од целиот регион, да го разгледаат и да го запознаат Охрид со сите свои убавини“, истакнува Тодев.

Понудата на кампот е навистина „кралска“. Ги исполнува сите критериуми за врвно фудбалско задоволство и дружење.

„Учесниците на кампот ќе бидат сместени во Хотел „Аквалина“ – Охрид, пет дена во хотел со четири ѕвездички, со сопствени терени за реализација на комплетната програма на тренерскиот тим од Мадрид, одлична инфраструктура. Учесниците ќе добијат оригинална спортска опрема од официјалниот партнер Реал Мадрид Фондација: дрес, шорц, маичка, штуцни и топка. Мора да се напомене и дека бројот на учесниците е лимитиран на 100 фудбалери. Организаторот на кампот е обврзан да обезбеди превоз за секој учесник на кампот кој живее во Македонија. Секој учесник на кампот ќе има комплетно осигурување за време на одржување на кампот и ќе подлежат на бесплатен медицински преглед од нашиот медицински партнер, „Неуромедика“ во Скопје, Битола и Куманово. За време на одржување на кампот овозможена е и комплетна медицинска подршка со тим од три медицински лица од нашиот партнер, 24 часа на располагање за потребите на секој учесник. За потребите на високиот ритам на тренинзи предвидена е специјална програма на исхрана за млади категории, подготвена од тим на искусни професионалци во областа на спортот и нутриционизмот. По неговото завршување ќе добие албум со фотографии и диплома за учество на кампот на Реал Мадрид Фондација, заверена од најтрофејниот фудбалски колектив на планетета“, вели организаторот на Real Madrid Foundacion Campus Experience.

Регистрација и целосната програма на следниот линк

https://campusexperiencermf.com/mk/македонија

Подетални информации на www.sportarena.mk или на телефонскиот број +389 71 330-529

Се вчитува...