Реал Мадрид ја одреди цената за Винисиус

Реал Мадрид и Винисиус Жуниор оваа недела ќе одржат клучен состанок околу продолжувањето на договорот на бразилскиот репрезентативец, чиј актуелен договор со „кралскиот клуб“ истекува во летото 2027 година.

Според информациите на ESPN, средбата меѓу претставниците на двете страни е закажана за оваа недела, а според извори блиски до клубот, разговорите би можеле да бидат пресудни за иднината на 26-годишниот офанзивец.

Реал Мадрид наводно му понудил нов договор вреден 22 милиони евра по сезона, но Винисиус бара значително подобри услови. Освен плата од 30 милиони евра годишно, Бразилецот инсистира да ги задржи 100 проценти од своите имиџ-права, како и да добие бонус за потпис, сличен на оној што го доби Килијан Мбапе при пристигнувањето во Мадрид.

Главниот скаут на Реал, Јуни Калафат, силно се залага за продолжување на соработката со Винисиус, но шпанскиот гигант нема намера да ја подобри последната понуда. Според истите извори, разликата меѓу барањата на фудбалерот и условите што ги нуди клубот сè уште е голема.

Од таборот на Винисиус сметаат дека новиот договор ќе биде најважниот во неговата кариера и веруваат дека Реал треба соодветно да го награди неговиот придонес од доаѓањето во клубот во 2018 година. Како аргумент ги наведуваат неговите настапи и головите во двете финалиња од Лигата на шампионите, со кои одигра клучна улога во европските успеси на „кралевите“.

Доколку не биде постигнат договор за продолжување на соработката, Реал Мадрид е подготвен да го продаде Винисиус и очекува понуда од околу 150 милиони евра. Во меѓувреме, интерес за бразилскиот репрезентативец покажува и Арсенал, кој внимателно ја следи ситуацијата.

Се вчитува...