Реис Жуниор од Вардар се сели во Украина

Бразилскиот интернационалец Леовигалдо Реис Жуниор го напушта Вардар и негова следна дестинација во кариерата ќе биде Украина. Тој е пред потпис на договор со украинскиот прволигаш Зорја Луганск. Во овој клуб треба да потпише и уште еден вардарец, стоперот Евгениј Новак.

Вардар е во тотален колапс и на финансиски и на организациски план, откако Сергеј Самсоненко дефинитивно се откажа од спонзорирање на клубот, а засега нема конкретен нов ивеститор кој би ги покрил и долговите што ги остави зад себе претходното раководство. Се работи за околу 3 милиони евра и поради тоа клубот е тотално блокиран, а тимот, оние што би останале да играат во Вардар, ги нема почнато ниту летните подготовки за новиот шампионат во Првата лига.

Леовигалдо Реис Жуниор треба да потпише тригодишен договор со Зорја и како што тврдат украински медиуми треба да биде замена за Богдан Михаилченко кој ќе се пресели во белгиски Андерлехт.

Во меѓувреме, Русинот Сергеј Самсоненко со обложувалниците „Бет Сити“ стана главен спонзор на фудбалскиот Куп на Русија.

Се вчитува...