Реконструкцијата на салата Расадник во завршна фаза

Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска денеска беа на увид во тековните градежни активности на спортската сала „Расадник“.

Од таму најавија дека наскоро ќе биде завршена целата реконструкција и дека се очекува во текот на следната 2026 година ќе биде пуштена во употреба.

„Задоволна сум од тоа што го видовме на терен и од степенот на досега извршените работи. Искрено сум му благодарна на министерот Ристовски за обезбедените средства од Министерството за спорт, затоа што токму ваквата силна институционална поддршка овозможува “Расадник” конечно да се обнови и да го врати своето вистинско место во спортскиот живот на општината.

Голема благодарност упатувам и до Владата на Република Македонија и премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски, чии заложби за унапредување на спортот и спортската инфраструктура се видливи токму преку вакви капитални проекти.

Тука навистина гледаме како се менува приказната, од објект кој со години пропаѓаше и претставуваше срамен пример за негрижа, “Расадник” повторно ќе стане место каде што ќе се собираат граѓаните, ќе се слави спортот и ќе се раѓаат нови спортски имиња, како што беше случај и во минатото.

Оваа сала некогаш беше дом на спортскиот клуб “Вардар” и искрено се надевам дека повторно ќе го добие тој статус, затоа што “Расадник” не е само објект, туку и емоција, традиција и симбол за многу генерации од Кисела Вода.

Вредноста на реконструкцијата изнесува 120 милиони денари. Реконструкцијата на салата треба да заврши до крајот на декември годинава, додека партерното уредување ќе биде завршено во текот на следната година“, напиша Стаменкоска-Трајкоска.

Се вчитува...