Ренова не реализираше пенал, па Пелистер извлече бод во Тетово

Во последниот натпревар од 23. коло во ПФМЛ се случи изненадување. Иако важеше за голем фаворит, Ренова не успеа да ги освои трите бода, ремизирајќи без голови во дуелот со „фенерџијата“ Пелистер. „Гипсарите“ имаа неколку добри шанси, особено во првиот дел кога не реализираа и удар од белата точка и празен гол.

Во финишот немаше да биде изненадување ако и Пелистер си заминеше со трите бода, но младиот Талески не го проигра Бериша во завршницата, и најубавата шанса пропадна.

Натпреварот почна со голема шанса за Ренова, откако во 8. минута Ренова доби можност од пенал. Но, Селмани шутираше, топката ја зафати стативата, а интервенираше и Трајчевски. Во првиот дел Јусуфи во 34. минута имаше и подобра можност од пеналот на Селмани, но не го реализираше она што беше потешко да се промаши. Празен гол од 3-4 метри не погоди играчот на „гипсарите“.

Ренова во вториот дел имаше намера да дојде до брз гол, но тоа тешко одеше. Пелистер храбро се бореше, а дека задачата на „гипсарите“ ќе биде дополнително отежнета беше јасно во 71. минута кога Кахримановиќ доби втор жолт картон, и беше испратен во соблекувалната.

На крајот Пелистер од противнапад можеби пропушти да дојде до првиот триумф сезонава. Меѓутоа Талески не го проигра осамениот Бериша, се реши да шутира, па фудбалерите на Ренова изблокираа.

Ренова втор пат пролетва не успева да го победи Пелистер. Пред неколку дена двата тима во Охрид одиграа 1-1.

Се вчитува...