РФМ ќе аплицира за вајлд-карта за СП во Египет!

Ракометната Федерација на Македонија не се откажува од намерата за одржување на континуитет од настапи на нашиот национален тим на големите натпреварување. ЕХФ денеска ја објави одлуката за укинување на баражите за СП 2021, што значи директен пласман на Франција и елиминација на Македонија без борба, но раководството на нашата куќа на ракометот најавува испраќање на барање за вајлд-карта за настап во Египет.

„За нас нема никакви дилеми дека ќе аплицираме за вајлд-карта и искрено се надеваме дека ќе ја добиеме. Нашата репрезентација со години наназад е дел од светските и европските шампионати и веруваме дека заслужуваме место во елитата и на собирот во Египет. ИХФ за среда има закажано состанок на кој ќе се разгледува ситуацијата по сите континенти, но ние дефинитивно ќе аплицираме за една од вајлд-картите што ќе бидат доделени“, изјави Генералниот Секретар на РФМ, Филип Милошевски.

„Црвено-жолтите“ долги години се дел од големите натпреварувања, почнувајќи од СП 2013 во Шпанија, по што Македонија беше дел и од ЕП 2014 во Данска, потоа СП 2015 во Катар, ЕП 2016 во Полска, СП 2017 во Франција, ЕП 2018 во Хрватска, СП 2019 во Германија и Данска, како и од последниот европски шампионат во Австрија, Норвешка и Шведска.

Се вчитува...