Роберто Родригез Санчез: Тајната на шпанскиот фудбал е во работата со топка

Трет ден од Интернационалниот семинар за фудбалски тренери „Учиме од шпанскиот фудбал“ кој се одржува во Хотел Гогов во Пехчево. Беа одржани два тренинзи со практична презентација, а едукаторите Фран Алонсо и Роберто Родригез Санчез заедно со учесниците на семинарот демонстрираа дел од акциите за подобрување на играта во транзиција, позициона игра со висок интензитет како и соодветна реакција.

Роберто Родригез Санчез е тренер – специјалист за работа со млади категории и ја открива тајната на шпанскиот фудбал. Во последните 15 години, нема веќе работа „на суво“ на тренинзите, туку топката е верен пријател во секоја можност.

„Поседот на топката е најважниот сегмент во фудбалската филозофија на Шпанија. Така и ги подготвуваме фудбалерите од најмали нозе. Генерално ја променивме стратегијата пред 15 години, сега посветуваме многу повеќе внимание на техниката, и сите вежби и задачи на теренот се изведуваат со топка. Дури и кога се работи на подобрување на физичките карактеристики на младите фудбалери. И не е најважен резултатот, туку во блиска иднина да се произведат квалитетни фудбалери“, вели Роберто Родригез Санчез, кој има работено во младинската академија на Реал Мадрид, но има искуство и од Кина (Гвангжу Евергранде), како и неколкугодишна работа во Хетафе и во Леганес.

За него најдобар шпански фудбалер на сите времиња е Андрес Иниеста. Тој е доказ дека физичките атрибути не се пресудни за да се биде одличен фудбалер.

„Иниеста е дефинитивно најдобриот производ на шпанскиот фудбал. Тој ја промени шпанската филозофија, заедно со Чави. Поседот на топката е многу важен сегмент, можеби и пресуден, не е важно колку ќе трчате без топка. На пример, Лионел Меси истрча 8 километри на еден меч од ЛШ, а постигна хет – трик. Германците тоа го анализираа и не можеа да веруваат. Но, не е секогаш најважно да истрчате, Иниеста покажа дека топката треба да стигне пред противникот, и тоа може да биде многу кобно во фудбалот“, истакнува Роберто Родригез Санчез.

 

Се вчитува...