Русија шокирана – Холандија е во финалето

Холандија е првиот финалист од женскиот ракометен Мундијал што се одржува во Јапонија, откако „лалињата“ во суперинтересен дуел славеа над Русија со резултат 33-32. Русинките влегоа во дуелот како огромни фаворитки, но одиграа катастрофално во одбраната, што на крајот се покажа како пресуден фактор Холанѓанките да се борат за златото во големото финале, каде ривал ќе им биде подобриот од дуелот Шпанија – Норвешка.

Мечот беше максимално израмнет од почеток до крај, на полувреме се замина со 16-16, а двете селекции се менуваа во водство во вториот дел. Виакхирева постигна низа голови со кои не дозволуваше Холандија да се одлепи, но слабата игра во одбраната на крајот беше скапо платена од страна на рускиот состав. Ван дер Хејден го постигна решавачкиот гол на дваесетина секунди до крајот, „зборнаја“ потоа го промаши последниот удар, за огромна радост на холандските ракометарки.

Полман со девет и Абинг со осум гола беа најефикасни во холандскиот состав, додека Виакхирева со 11 погодоци беше најефикасна на натпреварот, сепак недоволно за да се стигне до големото финале.

Се вчитува...