Секој викенд носи богата фудбалска понуда на терените ширум Европа, но денешниот ден ќе го одбележи неверојатен маратон исполнет со суперинтересни пресметки, меѓу нив и „војните“ за Рим и Мадрид, како и дуелите на водечките екипи во Премиер-лигата и во италијанската „Серија А“.
Серијата интересни дуели ќе почне со првиот меч на премиерлигашката програма во 13.30 часот, дуелот меѓу Вест хем и Мачестер јунајтед, на кој евентуален пораз ќе значи огромен притисок за заминување на Жозе Мурињо.
Првото градско дерби почнува во 15 часот, Рим ќе „гори“ при пресметката на Рома и Лацио, дуел што од „сигурносни причини“ не се игра во вечерен термин (за да се намали ризикот од тепачки меѓу навивачките групи).
Барселона во последните две кола освои само еден бод, па каталонскиот гигант мора што поскоро да се врати на победнички патеки. Меси и соиграчите од 16.15 часот ќе го пречекаат Атлетик Билбао, тимот што сезонава веќе му зеде бод на Реал, а сега ќе се обиде истото да го стори и против каталонскиот гигант.
Во 16.30 часот се игра и вечното хрватско дерби, во кое Хајдук на Мирко Ивановски ќе го пречека Динамо Загреб, во чии редови по повредата се врати Аријан Адеми. Динамо доаѓа во Сплит со десет бода предност во однос на големиот ривал, но јасно е дека кога овие два тима играат еден против друг, најчесто решава мотивацијата и инспирацијата, а не реалниот квалитет на фудбалерите.
Јувентус во 18 часот го пречекува Наполи во дерби-дуелот на двата тима кои се најсериозни ривали во трката за скудетото во последните години од „Серија А“. „Старата дама“ има максимален ефект во досегашниот дел од сезоната, но доколку во Италија постои тим што може да им ги замрси сметките на „наполитанците“, тоа дефинитивно е Наполи предводен од Карло Анчелоти.
Големото дерби во Премиер-лигата почнува во 18.30 часот, Челси ќе го пречека Ливерпул во обид да ја прекине победничката серија на „црвените“ во Премиер-лигата што трае од стартот на сезонава. Тимот на Клоп веќе два пати го освои Лондон, против Кристал палас и силниот Тотенхем, па сега ќе се обиде по третпат да триумфира во британската престолнина. Вреди да се истакне дека овие два тима се сретнаа пред само неколку дена во Лига-купот на Англија, двајцата стратези калкулираа со составите, а Челси славеше со 1-2 со два гола постигнати во последните десет минути.
Реал Мадрид досега има стопроцентен ефект на „Сантијаго Бернабеу“, но Лопетеги и неговите избраници сезонава немале силен гостин како оној што ќе го пречекаат вечерва – градскиот ривал Атлетико Мадрид. Тимот на Диего Симеоне се разбуди по бавниот старт на сезоната, конечно врза две победи во низа, па сега ќе се обиде успешната серија да ја продолжи и на гостувањето против европскиот првак.
Нема дилеми, денот ќе биде исполнет со врвен фудбал, затоа завршете ги што поскоро домашните обврски, бидејќи наскоро почнува маратонот што ќе трае со часови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА