Салах донесе пресврт, Ливерпул го реши Кристал палас

Ливерпул стигна до значајни три бода во трката за место во ЛШ откако тимот на Јирген Клоп по голема битка славеше во Лондон над Кристал палас со 1-2. Домашниот тим го заврши првото полувреме со водство од 1-0, но „црвените“ уште еднаш покажаа карактер, па благодарение на голот на Салах во самиот финиш направија целосен пресврт и стигнаа до цел плен на ова незгодно гостување.

Кристал палас прв поведе со погодокот од пенал на Миливојевиќ, откако Заха беше фаулиран од голманит Кариус во шеснаесетникот на Ливерпул. Избраниците на Јирген Клоп не делуваа најдобро, но сепак успеаја да израмнат на самиот старт од второто полувреме со погодокот на Садио Мане.

Домашниот тим имаше две извонредни шанси повторно да дојде до предност, но Кристијан Бентеке два пати биеше непрецизни, „простувајќи“ му на својот поранешен клуб. Ливерпул имаше и судиска наклоност откако Мане играше намерно со рака и заслужи втор жолт картон, но судијата покажа само слободен удар за Палас, без притоа да го исклучи гостинскиот фудбалер.

Пресвртот беше комплетиран на помалку од десет минути до крајот, кога по акцијата на Окслејд Чембрлен и асистенцијата на Робинсон топката стигна до Салах, а египетскиот ас рутински ја смести во мрежата на домашниот тим.

Се вчитува...