Понудата на врвни фудбалери кои се достапни на пазарот без никаква отштета се уште е максимално интересна, со оглед на фактот дека се достапни играчи кои веднаш можат да направат разлика во клубовите што ќе ги изберат за следна дестинација во своите кариери.
Оваа листа ја предводи Мохамед Салах, легендата на Ливерпул за која се очекуваше многу полесно да го осигура следниот трансфер. Најавите за преселба во Саудиска Арабија спласнаа поради желбата на „фараонот“ да остане во европскиот фудбал, Бешикташ беше блиску до потпис, тој трансфер пропадна, па сега Салах изненадувачки е најблиску до Трабзонспор.
Душан Влаховиќ исто така има отворена понуда од Бешикташ, но српскиот голгетер сака да остане во Топ 5 лигите и затоа одолговлекува во преговорите со „црно-белите“ од Истанбул. Голема желба на Влаховиќ е да заигра за Барселона, тој е подготвен да прифати и помала плата за оваа опција да се реализира, но засега е само „план Б“ додека каталонците целото внимание го имаат насочено кон Алварез од Атлетико Мадрид.
Џејдон Санчо некогаш важеше за чудо од дете, но променливите игри во последните сезони придонесоа тој да нема ниту една посериозна понуда месец дена по истекот на договорот со Манчестер јунајтед.
Леон Горецка е слободен играч по заминувањето од Баерн, за германскиот ветеран интерес покажаа Јувентус и Атлетико Мадрид, но сериозен проблем се високите барања на овој играч.
За враќање во Европа размислуваат и фудбалерите кои меѓу првите заминаа во Саудиска Арабија, Кеси го напушта Ал Ахли, Фабињо е без договор по завршената соработка со Ал Итихад, додека Брозовиќ исто така е слободен играч по крајот на договорот со Ал Наср…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
