Самарџиев: Еуро Никел ќе атакува на Топ 4, а потоа – се може да се случи

Еуро Никел беше најпријатно изненадување минатата сезона, во која кавадарчани успеаја да стигнат до финалето од плејофот. Новата сезона ја почнаа со променливи игри, но како што одминуваше времето формата на овој тим се движеше во нагорна линија, па со триумфалната серија во финишот од сезоната кавадаречкиот прволигаш се искачи на третото место на табелата.

Тренерот Горан Самарџиев не го крие задоволството од добриот финиш на регуларниот дел од сезоната, како најава за уште подобри резултати во Супер-лигата.

„Не беше лесно на самиот почеток бидејќи променивме голем број на кошаркари во ростерот и беше јасно дека ќе биде потребно време за воигрување. Најтенки бевме на плејмејкерската позиција, каде се стабилизиравме со доаѓањето на Дубински, играч кој се врати откако лани настапуваше за тимот и беше запознаен со нашиот систем на игра. Потоа се стабилизираше формата на целокупната екипа, ги надминавме проблемите и влеговме во серија на победи кога беше најзначајно. Штета што Кире Николовски заработи повреда и нема да може да ни помогне до крајот на сезонава, бидејќи тој беше важен играч во нашата ротација, но повредата е сериозна и тој ќе мора да мирува неколку месеци“, истакна Самарџиев.

Во пресрет на Супер-лигата, кавадаречкиот стручњак верува дека конкуренцијата ќе биде огромна, но главна цел за неговиот тим во прв момент ќе биде пласман во полуфиналето.

„Лигата никогаш не била волку израмнета и интересна, па и самите гледате како тимови со традиција како Работнички и Куманово и покрај обидите не успеаја да се пласираат во Супер-лигата. Конкуренцијата во оваа Супер-лига ќе биде огромна и секој натпревар ќе биде исклучително тежок. Наша примарна цел е да влеземе во топ 4, а потоа во плејофот може да се случи буквално се. Веруваме во себе, формата ни се движи во нагорна линија и верувам дека тој тренд ќе продолжи и во наредниот период“, оптимистички е расположен стратегот на Еуро Никел.

Се вчитува...