Тренерот на Работнички, Горан Самарџиев, сосема очекувано беше задоволен од победата од 75-68 на Работнички над ТФТ Скопје во четвртфиналниот натпревар од Купот на Македонија и пласманот во полуфиналето на завршницата од најмасовното домашно клупско натпреварување.
„Прво сакам да им честитам на моите кошаркари за победата. Имавме многу тежок натпревар, не беше лесно да се победи ТФТ. И тие одиграа одлично во одбраната, првпат успеаја да не сопрат под 80 поени. Првиот дел започна бавно за нас, но такви се некогаш Куп-натпреварите, знаат да бидат многу непредвидливи. Тоа го знаат играчите, но го знаеме и ние, тренерите. Многу пати сум играл финале и сум освојувал трофеи. Знаев дека мора да ги мотивирам на полувремето и драго ми е што ја игравме нашата игра“ – истакна Самарџиев по мечот, притоа дополнувајќи:
„Одигравме просечен меч, но сепак успеавме да славиме. Немаше да биде незаслужено ако и ТФТ денес победеше. Сите го посакуваа полуфиналното дерби со МЗТ. Малку се истрошивме денес, но мислам дека ќе бидеме ‘фит’ за предизвикот со најголемиот ривал. Ќе биде прекрасно да се видат двете навивачки групи после подолго време, се надевам дека дуелот ќе биде многу посетен“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА