Самарџиев: Работнички секогаш атакува на трофеи… Смилковски: Купот секогаш е инспирација за ТФТ

Тренерот на Работнички, Горан Самарџиев, најави дека „центарци“ се подготвени да атакуваат на трофејот во Купот на Македонија на претстојниот завршен турнир што ќе се одржи во Битола.

„Црвено-белите“ од Скопје во четвртфиналето ќе се сретнат со ТФТ, ривал што два пати го совладаа во Првата лига, но што сигурно е способен да им создаде проблеми, па избраниците на Самарџиев мораат да бидат на висина на задачата ако сакаат да ја минат првата пречка.

„Голема чест и задоволство е да се биде дел од овој настан, се надевам дека ќе биде во најдобар ред. Како играч имам многу куп-трофеи, но сега сум во поинаква улога. Работнички секогаш атакува на трофеи, поголем акцент ставаме на титулата, но кога сме тука секако дека ќе сториме се за да го кренеме и куп-пехарот“, прокоментира Горан Самарџиев на денешната прес-конференција.

ТФТ испиша историја откако пред две години се закити со куп-трофејот, па Боро Смилковски и неговите избраници се подготвени повторно да ги замрсат сметките на фаворитите.

„Голем поздрав за идејата куп-натпреварувањето да биде надвор од Скопје, сметам дека тоа ќе биде голем мотив за битолската публика и мислам дека ќе донесе дополнителен шмек на ова натпреварување. За нас купот засекогаш ќе остане специјално натпреварување, нешто што одговара на нашиот менталитет бидејќи со себе носи и емоција и инспирација. За некој да го освои купот треба да биде на физички план подготвен за три врвни меча за три дена, што не е нималку лесна. Противник ни е Работнички, екипа што е во завршна фаза на враќањето на победнички патеки. Тоа е тим што ни ги нанесе двата најубедливи пораза оваа сезона. Фокусот ни е на првиот меч, а сонуваме за финале в сабота“, изјави стратегот на ТФТ, Боро Смилковски.

Се вчитува...