Само осум пливачи од пет земји ќе учествуваат на Охридскиот пливачки маратон на 10. септември

Само осум пливачи во машка и во женска конкуренција од пет различни земји ќе учествуваат оваа година на 35-то издание на Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи на 10. септември со почеток од 10 часот на релацијата од Свети Наум до Охрид. Меѓутоа, за организаторите, Општина Охрид и Агенцијата за млади и спорт, овој пат е единствено најважно да се зачува долгогодишната традиција и да не се дозволи згаснување на најпрепознатливата домашна спортска манифестација во светски рамки.

Маратонот традиционално ќе се плива на патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри во организација на Општина Охрид и Агенцијата за млади и спорт. Технички организатор на манифестацијата ќе биде пливачкиот клуб „Охридски бранови“ од Охрид.

„Иако и претходно нагласивме дека е навистина тешко во еден краток период да се организира манифестација од вака висок ранг, сепак оваа година успеавме да го подготвиме одржувањето на маратонот и она што е најважно е да ја зачуваме традицијата. Беше тешко да се донесат што поголем број пливачи во период кога веќе сите тие не можеа да си ја нарушат претходно подготвената своја програма. Но, среќни сме што маратонот ќе се одржи и што како општина наидовме на огромна поддршка од локални и државни компании. И никогаш повеќе да не се дозволи да биде доведено во прашање одржувањето на маратонот“ – истакна на денешната прес-конференција градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Во склоп на маратонот ќе има и сериозен број културно-забавни активности. Ќе биде организирана и изложба на фотографии од историјата на одржување на пливачкиот маратон како и проекција на документарецот ‘Охридски пливачки легенди’.

Организаторите истакаа дека дополнително во петок ќе биде соопштена комплетна листа на учесници на маратонот, и техничките детали околу организацијата на истиот. Наградниот фонд во висина од 10.000 долари ќе биде покриен од страна на Агенцијата за млади и спорт, а Општина Охрид со своите партнери – домашните компании, за првпат оваа година, ги покрија и комплетните трошоци за пристигнување и сместување на сите пливачи кои ќе учествуваат на пливачкиот маратон.

Се вчитува...