Челси загуби од Бурнемаут со 4-0 во најубедливиот пораз на лондонскиот клуб откако Роман Абрамович е газда на „сините“, уште една причина за загриженост за Маурицио Сари. Екс-тренерот на Наполи се мачи да ја наметне својата филозофија во англискиот премиерлигаш, што придонесе битката за титулата одамна да е загубена, а Челси да не е сигурен ниту за место во ЛШ за следната сезона.
„Не се чувствувам под притисок, туку исфрустрирано, бидејќи не можам да оставам свој печат врз тимот. Можеби јас сум виновникот, не знам да ги мотивирам… но знам дека овој тим е многу силен, способен да победи и без преголема помош од тренерот. Мораме да им се извиниме на навивачите. Секому може да му се случи да загуби, но не на ваков начин“ – истакна Сари.
Италијанскиот стратег по натпреварот цели 50 минути ги држеше фудбалерите на Челси во соблекувалната, во обид да се најде излез од кризата.
„Треба да го решиме проблемот, а за да го решиме мораме да разбереме што всушност е проблемот, зошто играме вака слабо“ – изјави менаџерот на Челси.
Едно е сигурно, Роман Абрамович не е задоволен од ваквите настапи, а кога рускиот газда е несреќен, опасноста од отказ за тренерите е огромна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА