Савевски: Ќе преземам одговорност ако нема напредок во репрезентацијата

Македонската женска репрезентација загуби од Украина на домашен терен во првиот натпревар во квалификациите. На крајот пораз од 22-24, но клучна беше катастрофалната игра во првиот дел кога нашите девојки имаа негатива од шест разлика.

Добрата игра во вториот дел кога девојките се консолидираа, не дадоа подобар резултат. На крајот успеаја да стопат од разликата, но не и да избегнат пораз.

Селекторот Љубомир Савевски вели дека играта во првото полувреме е болна точка за оваа селекција, и тоа се повторувало веќе неколку пати, како и играта пред домашната публика.

„Оваа година и пол кога ги игравме тие мечеви, првите полувремиња ни беа катастрофални. Дали домашниот терен создава голем притисок, навистина треба да се види. На гости играме подобро. Многу лошо, слабо во одбрана и напад, слаб ефект на голманите во првото полувреме. Не можеше да се види дека сме работеле добро. За разлика од вториот дел кога одигравме подобро, кога се виде дека младите играчи може многу да дадат. Се надевам дека на реваншот во Унгарија каде што ќе играме ќе бидеме подобри. Разликата во квалитет не е голема. Овој пат Украинките покажаа брза игра, но и тие прават грешки. Во оваа ситуација со овие играчи мислам дека една мотивирана екипа која ќе почне добро, и да се поправиме, одиме да изненадиме во вториот меч. Немаме друго што. Се надевавме вечерва дека ќе победиме 4-5 разлика. Никогаш не коментирам судии, но мислам дека во многу ситуации судеа онака како што не ни одговара“, коментираше Савевски.

Тој кажа дека и реализацијата ќе мора да се поправи и во вториот меч да се одигра без грешка.

„Имавме големи промашувања од најдобрите играчи. Сега останува само да поправиме она што може да го поправи. Викам дека правиме репрезентација, но треба повеќе време. Но, колку е тоа време ќе видиме. Треба да созреат младите девојки. Немаме друг избор, немаме многу играчи да донесеме. Ова се најдобрите играчи. Што може да се влијае? Работиме на прецизноста и на реализацијата на играчите. Проблем е тоа што многу од нив не играат во своите клубови и во македонската лига. Не се тоа играчи кои играат 60 минути па да ја носат екипата. Ова е една селекција на спој на младост и искуство, рече Савевски.

Тој кажа дека е подготвен да преземе одговорност доколку нема напредок во селекцијата.

„Мене договорот ми е до септември, ако не успеам да направам селекција ќе преземам комплетна одговорност. Сите имавме големи очекувања, имавме добро расположение, очекувавме да одиграме многу подобро, ги гледавме мечевите на Украина кои играа добро, но не брзо. Но, ме изненадија во првиот дел кога играа брзо. Имавме и многу исклучувања. Слабата реализација секогаш ни е проблем. Така бешше и со Франција, игравме добро, но имавме четири промашувања и потоа направија разлика. Мораме да знаеме на што сме. Лажни надежи не ни требаат во овој момент“, вели Савевски.

Се вчитува...