Савевски: Најдобро е да има клуб-репрезентација кај жените, се движиме во вистински правец

Селекторот Љубомир Савевски пред членовите на Управниот Одбор на РФМ го анализираше сработеното во изминатиот период, вклучувајќи го и настапот на ЕП 2022, во групата што се одржа во Скопје.

„Верувам дека сите ги гледавте настапите на ЕП во Скопје, каде што не разочаравме, но за жал не успеавме да ја реализираме нашата цел и да се пласираме во втората фаза. ЕП што се одржа во Македонија ја покажа вистинската слика за нашиот квалитет, имаше добри моменти… Кога сите ракометарки на главните репрезентации се лидерки во своите клубови, кај нас најдобрите ракометарки не се главни во своите клубови, играат добро, но не се на нивото на ривалите. Имаме добри и талентирани играчи, но ни недостигаат ракометарки со лидерски способности. Да не говорам за оние кои настапуваат во нашата лига, која е квалитативно под она неопходно ниво“, изјави Савевски.

Тој смета дека формирање на клуб – репрезентација е најдобар потег за развој на женскиот ракомет, но и обелодени дека се почна со дополнителни активности за кревање на квалитетот кај ракометарките.

„Единствен излез за ова е создавање на клуб репрезентација и собирање на речиси сите најквалитетни ракометарки на едно место, што според мене во моментов не е возможно. Друга опција беше редовни тренинзи на ракометарките заедно, за создавање на силен колектив, ние тоа го почнавме и задоволно го движевме напред, но неодамна беше прекинато на барање на клубовите, со аргументи дека играчите им се неопходни за клучниот дел од сезоната. Напредокот кај овие 16-20 играчи, кои доаѓаа на тренинг и по еден час порано, беше очигледен и ова е патот по кој треба да се оди. Мораме да внимаваме и да ја развиваме кадетската репрезентација, сега младинска, која има континуитет од настапи на големите натпреварувања. Верувам дека се движиме во вистински правец, квалитетот се крева, добиваме и искуство од големи натпреварувања“, оптимистички е расположен за иднината селекторот Савевски.

 

Се вчитува...