Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска ќе го дознае името на противникот за баражот за пласман на СП 2023 што ќе се одржи во Данска, Шведска и во Норвешка од 30. ноември до 17. декември следната година.
Учеството на ЕП 2022 ја носи Македонија во поволна позиција бидејќи нашата селекција конечно ќе ја има улогата на носител во ждрепката, што ќе донесе и далеку послаб противник од оние со кои нашите ракометарки се среќаваа во последните години во бараж-дуелите.
Селекторот на репрезентацијата Љубомир Савевски вели дека него лично не му е важно кој ќе биде противник, туку важно е ние да напредуваме како репрезентација.
„Не ми е толку важно кој ќе и биде противник на Македонија, важно е ние да напредуваме како тим. Иако овие репрезентации се наоѓаат во вториот шешир голем дел од нив имаат голем напредок во последните години. Можеби Косово и Грција се за нијанса послаби од останатите, но и тие напредуваат во последните години. Искрено не ја посакувам Чешка која е најдобра селекција, а квалитет дефинитивно имаат и Словачка, Австрија, Украина и Турција, додека Исланд, Португалија и Турција многу напредуваат последните години“, изјави Савевски.
Македонија нема да може да се сретне со Шпанија, Романија, Унгарија, Словенија, Хрватска, Германија, Србија, Полска и со Швајцарија, а наш ривал во баражот ќе биде една од следните селекции: Чешка, Австрија, Словачка, Украина, Португалија, Косово, Исланд, Италија, Грција, Турција
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА