Савевски: Потребна е макотрпна работа, спојот на искуство и младост да биде нашата формула за успех

Женската ракометна репрезентација со дуелот против Црна Гора во ЕХФ купот ја отвора новата страница.

Новиот селектор, Љубомир Савевски по напорното лето кое го имаше со младинските репрезентации на Македонија во четврток ќе го има своето деби во сениорскиот тим.

„Доста сум задоволен од досегашниот тек на подготовките, денес го одржавме вториот тренинг со комплетниот тим. Нашите ракометарки кои настапуваат во странство се приклучија на репрезентацијата. Во овие три дена имавме подготовки со помладите репрезентативки кои летово играа за Македонија, како и неколку кои играат во домашното првенство. Се гледа напредок кај сите, но сè уште е рано да се зборува за што и како ќе биде. Ова е нова репрезентација, се обидувам да направам склоп на искуство и младост. Се надевам ќе успееме, но потребна е макотрпна работа. Девојките од домашната лига и не се во некоја завидна физичка подготвеност, направивме неколку тестови кои покажуваат дека општата состојба не е во најдобра ситуација. Се трудиме заедно со Ракометната федерација, во наредниот период секоја седмица ќе правиме собири за да работиме и да правиме пресек и сериозни подготовки. Без тоа, не можеме да очекуваме голем успех“, изјави Савевски.

Натпреварот меѓу Македонија и Црна Гора кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ е закажан за в четврток во 20.15 часот.

Се вчитува...