Савевски: Украина е сериозна репрезентација, но подобро да играме со нив отколку со Шпанија, Германија…

Репрезентацијата на Украина ќе биде ривал на македонските ракометарки во бараж-двомечот за пласман на СП 2023 што ќе се одржи во Шведска, Данска и во Норвешка.

На ждрепката што се одржа денеска во Љубљана Македонија беше извлечена претпоследна од носителите, за ривал добивајќи селекција со која „црвено-жолтите“ можат да се надигруваат и да се надеваат на мундијалски настап. Селекторот Љубомир Савевски по ждребот вели дека извлековме квалитетен противник, но дека подобро е да играш против Украина, отколку со Германија, Шпанија, Романија…

„Украина беше една репрезентациите кои беа најквалитетни во баражот заедно со Чешак и Австрија. Имаат голема традиција во женскиот ракомет и се сериозен противник. Ќе мора да запнеме и да одиграме најдобро што можеме. Сепак, подобро е да играш со Украина, отколку со Германија, Шпанија и не смееме да се жалиме. Ни паднаа екипи со кои можеме да се надигруваме“, изјави Савевски.

Бараж-натпреварите за пласман на СП 2023 ќе се играат во април следната година. Првиот меч ќе се игра во Македонија на 7/8 април, а реваншот ќе биде на теренот на противникот на 11/12 април 2023.

Се вчитува...