Саздовска: Мораме да ја подобриме играта во одбраната, ако сакаме триумф над Словенија

Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска и гостува на Словенија во реванш дуелот од баражот за пласман на СП во Јапонија (20.15 часот). Левото крило на репрезентацијата, Јована Саздовска вели дека противникот е добро скаутиран и ракометарките се подготвени да не ги повторат грешките од првиот натпревар.

„Мечот во Скопје беше само првиот дел од двомечот, кој разоткри многу мистерии од тактичка гледна точка. Во Скопје влеговме понесени од публиката која ни даде подршка низ сите 60 минути, но и од цела атмосфера што ја направи машката екипа на Вардар со освојување на Лигата на шампионите. Теоретски знаеме каде да се поправиме и само од нас зависи како ќе заврши натпреварот“, вели Саздовска.

Таа дополнува дека нападот функционирал одлично, но одбраната во првиот меч била проблемот.

„Од напаѓачки аспект нема што повеќе да бараме. Дадовме 30 гола, но кога се натпреваруваме со репрезентации како Словенија не смееме да дозволиме да примими повеќе од 30 гола. Како и да е, повторно ќе се навратам на тоа што го споменав пред мечот во Македонија. Тука сме да го браниме тоа што го градевме во изминатиот период и лицето на македонскиот ракомет кој со години  наназад е бренд на нацијата. Ние ќе дадем максимум како и секогаш, а се надевам дека среќата нема да ни го сврти грбот“, заврши Саздовска. 

Првиот натпревар одигран во СЦ Борис Трајковски во Скопје, заврши со победата на гостинките од (30-33).

Се вчитува...