Се е подготвено за кошаркарски спектакл во Битола

Се е подготвено за завршниот турнир од кошаркарскиот Куп на Македонија што од четврток до сабота ќе се одржи во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, прв куп-турнир по 17 години пауза во „градот на конзулите“.

Улогата на домаќин му припаѓа на КК Пелистер, кој поддржан од компанијата „Таск Форс“ го потврдува напредокот на организациски план, со надеж дека сезонава ќе се направи чекор напред и ќе се стигне до трофејот.

„Организацијата на овој куп е уште еден чекор во развојот на КК Пелистер, кој со влегувањето на компанијата Таск Форс ќе биде дополнителен чекор напред и играчки и организациски. Затоа, организацијата на купот е важен фактор за нас за продолжување на развојот, веруваме дека ќе го положиме тој организациски испит и дека на крајот од овој турнир сите ќе бидеме со позитивни впечатоци“, порачаа од КК Пелистер.

Од страна на КФСМ, директорот Марјан Србиновски изрази надеж дека куп-натпреварувањето ќе мине во беспрекорна организација и ќе понуди квалитетна кошарка.

„Купот се сели во Битола, во организација на КК Пелистер и на Општина Битола. Не се сомневаме во организациските способности, како федерација сакаме ова да биде празник на кошарката, трибините да бидат исполнети и со една ферплеј игра најдобрата екипа да го крене пехарот“, истакна Србиновски.

Се вчитува...