Се подготвува шампионско славје на Чаир, во Тетово директна пресметка за Европа!

Денеска екипата на Шкупи ја има првата „меч топка“ во битката за титулата во ПМФЛ 2021/2022. Ако го победи составот на Ренова пред своите навивачи, тогаш чаирскиот тим ќе ја обезбеди титулата, своја четврта во историјата, и прва после 21 година (последната беше 2001 година под името Слога Југомагнат).

Повеќе од две децении многу генерации се променија, а оваа сега е „зрела“ за враќање на шампионскиот сјај на тимот од Чаир.

Ренова, пак, е тим кој веќе има обезбедено опстанок, и сега за нив последните неколку кола ќе бидат само за престиж. „Гипсарите“ ја остварија својата цел, успеаја да обезбедат нов прволигашки статус, и сега без никаков притисок ќе го доигра првенството.

Чаир веќе неколку дена наголемо се подготвува за шампионска промоција. Шкупи само треба да победи денеска, и со тоа да биде крунисан во нов првак.

„Максимално сме подготовени за овој натпревар. Играме против Ренова, кој што има добар тим, но ние сме 100% подготвени и мотивирани да го добиеме овој натпревар. Денешниот ден ќе биде празник на фудбалот, а се надеваме дека заедно со навивачите Шверцери ќе ја прославиме титулата. Нашите фанови го чекаа овој момент долги години, и имаме можност да ги наградиме“, рече Ардит Иљази, еден од стандарните играчи на „чаирчани“ сезонава.

Во Тетово, пак, ќе се игра директна пресметка за излез во Европа. Шкендија против Македонија ЃП во битка која може да одлучи која екипа ќе го обезбеди излезот на меѓународна сцена преку првенството. За разлика од Македонија ЃП која има шанса да обезбеди Европа и преку Купот, Шкендија ќе мора да брка меѓународни настапи преку првенството, во спротивно и тетовскиот тим ќе мора да чека победа на ѓорчепетровци во финалето на Купот. Избраниците на Мухарем Бајрами се во подобра форма од својот противник, немаат пораз во пролетниот дел, а мотив плус е пласманот во финалето на Купот пред неколку дена обезбеден преку пенали против Струга ТЛ.

Во Струга, Струга Трим Лум ќе ги „лечи“ раните против Пелистер, по испаѓањето од Купот од Македонија ЃП. Стружани речиси се без шанси за излез во Европа, а опстанокот е веќе обезбеден, додека Пелистер и официјално е веќе второлигаш.

Во Кавадарци, Тиквеш ќе му се спротивстави на Борец. Тиквеш има некои минимални шанси да обезбеди директен опстанок, но ќе мора да се поклопат некои „коцки“ во последните пет кола. Борец, пак, има минимални шанси да дојде до бараж, но може да ги загуби сите шанси доколку денеска биде поразен од Тиквеш.

ПМФЛ, 29. КОЛО

ДЕНЕСКА 16:00

Скопје: Шкупи – Ренова

Тетово: Шкендија – Македонија ЃП

Струга: Струга ТЛ – Пелистер

Кавадарци: Тиквеш – Борец

ВЧЕРА:

Работнички – Скопје 0-1

Ак. Пандев – Брегалница 2-1

Standings provided by SofaScore LiveScore

Се вчитува...