Седлоски: Не чекаат четири меча за 15 дена во Лигата на нациите, па ќе има повеќе повикани играчи за ротации

Македнскиот селектор Гоце Седлоски на денешниот неформален брифинг со македонските медиуми информираше дека ќе има поширок круг репрезентативци на списокот за престојниот септемвриски собир за Лигата на нациите, со оглед на фактот дека за само 15 дена не чекаат четири натпревари.

Но, Седлоски потенцира дека е добро што 90% од фудбалерите играат за своите клубови и ќе бидат, секако, повеќе од мотивирани за настапите во пресметките со Швајцарија, Шкотска и со Словенија во силната група од Б-дивизијата во Лигата на нациите.

„Сакам да ја подмладам репрезентацијата во иднина. Видов што недостасува, и сега сме во фаза на следење на играчки ростер за да бидеме на едно повисоко ниво. На сите играчи им дадов шанса, но сега настапот во Лигата на нациите е друго нешто. Почнуваме со Швајцарија. За мене е прв меч на домашен терен и знам дека сите ќе сме повеќе од доволно мотивирани за максимално надигрување. Играчите се сигурно подготвени, 90% играат во клубовите и тоа ветува. Се надевам на добра игра, на добар резултат во Лигата на Нации“ – вели Седлоски.

ПОВИК ЗА МАТЕЈ ГАШТАРОВ И ЗА КАЗИМЧАН КАРАТАШ

На списокот ќе бидат и фудбалерот на Црвена Звезда, Матеј Гаштаров како и левиот бек од турски Галатасарај, Казимчан Караташ за кого се уште се комплетира документацијата за настап.

„Го следам и Малески, ќе одлучиме во следните десет дена на кои точно ќе сметаме“ – рече Седлоски и дополни:

„За само 15 дена ќе играме четири натпревари, а тренинзи имам само четири дена. Се останато ќе биде патување, тактика. Ќе има ротации, затоа реков дека ќе има повеќе играчи. Мора да ги изротирам сите играчи кои ќе бидат во топ форма. Ќе имаа ротации сигурно. Најпрво мислите се само кон Швајцарија, а потоа за Словенија. Не е лесно, тешки мечеви, но кога се игра за репрезентација секогаш треба да се даде максимум“.

БОРЧЕ ХРИСТОВ НЕ Е ПОВЕЌЕ ДЕЛ ОД СТРУЧНИОТ ШТАБ, БОБАН ГРНЧАРОВ НОВО ИМЕ

За новиот репрезентативен собир има промени и во стручниот штаб. На местото на Борче Христов, кој ќе се посвети на активностите во Пелистер, се очекува како нов асистент Седлоски да го именува поранешниот македонски репрезентативец Бобан Грнчаров.

Собирот на А-репрезентацијата за настапите во Лигата на нациите е закажан за 21 септември. Првиот натпревар од Б-дивизијата во Лигата на нациите, Македонија го игра на 26 септември против Швајцарија во Скопје.

Се вчитува...