Седлоски: Оставете ги играчите, одговорноста за овој пораз е моја

ЕКИПА во Истанбул, Турција
Горан Бошев

Убедлив пораз претрпе Македонија на тестот со Турција одигран вечерва во Истанбул. На крајот Турците во одлична атмосфера дојдоа до победата од 4-0.

Селекторот на Македонија, Гоце Седлоски на прес-конференцијата по натпреварот ја презеде одговорноста на себе за поразот, и кажа дека од вакви натпревари треба да се научи многу за во иднина.

„Сакам да честитам на Турција за заслужената победа, навистина имаат силна репрезентација и одлични играчи, како што кажав и пред натпреварот. Одговорноста е моја, јас ја преземам целата одговорност. Иако е пријателски меч, на овие два натпревари на сите играчи им дадов шанса и од ваквите натпревари треба да учиме многу. Четири натпревари сме без постигнат гол. Работиме на тренинзите кои ги имавме овие денови да го поправиме тоа. Игравме со силни репрезентации, иако не е тоа оправдување. Ќе настојуваме да видиме дали тактиката била добра. Од наши грешки примаме голови, и тука мора да работиме и да ги анализираме добро грешките и да играме онака како што јас посакувам. За одреден дел од играчите ова е нешто ново, и се надевам дека ќе биде добро“, рече Седлоски.

Можеше ли нешто да се извлече добро од овој натпревар, и колку овие два меча помогнаа во подготовките за Лигата на Нации?

„Данска 4-0 и Турција 4-0. Два тешки порази, но се учи. Квалитетот на играчи, знаеме со какви фудбалери располага и Данска и Турција, и минатиот меч кога игравме со БиХ, кажав дека создаваме нешто ново. Треба навистина време, но кога е репрезентацијата во прашање, треба да има дисциплина и ред. Не треба кога ќе примиме гол да се растураме. Така беше и во Данска, така и вечерва во Турција. Имам слика за секој играч на македонската репрезентација, сега мое е да одлучам на кои ќе се одлучиме на тие натпревари во Лигата на Нации. Ја сменив целата одбрана на полувреме затоа што не бев задоволен од нивното издание во првите 45. минути иако планот беше некои да влезат во последните 30 минути. Не треба да заборавиме дека имаме и неколку повредени играчи. Треба сите кои се повикани да го даваат максимумот. Јас сум убеден дека сите го даваат максимумот. Меѓутоа направивме многу грешки, и селекција како Турција тоа го казнува. Фудбалерите оставете ги, јас сум одговорен за овој пораз, а за следните натпревари кој ќе биде повикан, ќе видиме“, изјави селекторот на Македонија.

 

Се вчитува...