СЕДМЕРЕЦ: Брзо, лесно, ефикасно

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Му ја погодија на Раул рекламата…

1.Македонци, Шпанци и Романци

Најдоброто од Македонија пак си е најдобро! Македонските ракометари уште еднаш јунски ја подигнаа температурата во најава за уште еден „жежок“ јануари.

„Брзо, лесно, ефикасно!“, така Македонија ја реши Романија во првиот меч од баражот за СП 2019. Токму како на онаа рекламата на Раул и на Столе за сметките.

Ме привлече внимание утрово еден осврт на романските колеги, велат: „Хавиер Пасквал почна со „седум на шест“ и се надеваше дека ќе го изненади противникот. Ама Македонија беше како „стара лисица“, за 3-4 минути го диктираа темпото тие како што сакаа“.

Какво црно изненадување со „седум на шест“! Пасквал изгледа превиде дека Македонија одамна ја помина таа лекција уште од времето на Лино, а Раул „докторираше“ на таа тема, и ја решава без проблем, и клупски и репрезентативно.

За шпанската тренерска пресметка на двајцата селектори, за тактиката на Раул, за нејзината спроведливост на терен, за воиграноста и искуството, за одбраните и цепелините, се ипонапишаа еден тон текстови. Кога се функционира како што треба, убаво е и за публиката и за медиумите, па дури и кога има по некоја грешка да се исправи.

А, во вакви победнички денови, убаво е да се фатат и оние други моменти што ја прават разликата меѓу Македонија и другите.

2.Тие си ја знаат работата

Осум гола се голема предност, но предпазливост пред реваншот во Клуж, не е на одмет, оти во ракометот понекогаш се случуваат и „луди пресврти“. Тоа вчера по победата го потенцираа и селекторот и капитенот и сите во македонскиот табор.

Тие си ја знаат работата.

Да го позајмам зборовите на Романците, „старата лисица“ доволно е искусна за да не ја испушти шансата – онаа мундијалската што ја подотвора и олимписката врата за Токио.

Ќе одиме на трета среќа за Олимпијада, па што сака нека биде!

Некој ќе рече, полека, уште ни баражот за СП не сте го поминале. Ама тој што добро ги познава, сигурно знае дека за оваа репрезентација нема поголема мотивација од онаа олимписката на патот до фамозните олимписки квалификации. Два пати „изгореа“ на крајот, ама патот го изодеа. И тргнуваат одново.

Сонот се сонува иако, Токио се уште е многу далеку. Останува да се одигра реваншот со Романија и да се завери пласманот. Па потоа, ако се оди според планот, во јануари доаѓа СП и трката по „олимписка норма“.

Патот е долг и нема да биде лесен, сме го оделе два пати. Ама, неостварената желба за Олимпијада турка напред. Како и секогаш.

3.Во Македонија нема откажување!

Она што е специфичен белег или повеќе заштитен знак на оваа македонска репрезентација е посветеноста и култот кон националниот дрес. На сите заедно, на ракометарите и на публиката. И тоа за наша среќа се пренесува од искусните на помладите.

Македонија не е ни Германија ни Шпанија, нема ни толку ракометари на лагер како Хрватска или Србија… Но, додека другите се крпат и се пребројуваат пред секој собир кој сака, а кој не сака да игра, кој ќе дојде, кој ќе откаже, во оваа македонска репрезентација нема откажување. Се игра и се сака. Собирите, посебно оние јунските и декемвриските, се веќе како некоја семејна традиција. Таква е и атмосферата.

Никој не ја пропушта. Не ни помислува.

Затоа е и таа посебна врска на ракометарите со публиката и со јавноста. Затоа е и тој континуитет на „старата лисица“ (ми се погоди овој нов епитет…) и силата да се пребродат тешките моменти, незгодните противници и непредвидените ситуации.

И, нека остане така.

Брзо, лесно, ефикасно. Како во рекламата…

Се вчитува...