СЕДМЕРЕЦ: „Ел команданте“ и новите регрути

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Тој знае, тие сакаат – Македонија може!

1.Минхенскиот предизвик

Колку и да звучи како „политичка пропаганда“ пред избори, во суштина, тоа ќе бидат адутите на подмладената македонска репрезентација под водство на селекторот Раул Гонзалес на престојното СП првенство во Германија и Данска.

Минхен во јануари и шестото СП, дефинитивно ќе биде голем предизвик за најдобрата македонска репрезентација. За сите заедно и за секој посебно – и за селекторот и за ракометарите и за целата македонска ракометна јавност.

Селекторот Раул Гонзалес на скратениот список од 22 играчи со кои ќе ги стартува подготовките за СП во А тимот регрутира пет младински репрезентативци – Мартин Серафимов, Марио Танкоски, Димитар Димитриоски, Томислав Јагуриновски и Милан Лазаревски. Ако на тоа се додадат и Филип Талески, Филип Кузмановски, Горан Крстевски, Мартин Томовски… кои исто така се деца од новата генерација, но веќе и со сениорско искуство, бројката е и тоа како сериозна.

Би било малку преоптимистички да бараме подмладена Македонија да биде како подмладена Германија во Краков, ама „штоф“ за втор круг има. А, „ел команданте“ знае да скрои.

Тој знае, тие сакаат – Македонија може!

Изводливо е, а и добро звучи за загревање пред јануари.

2.Систематски во 3Д

Со години зборуваме за подмладување, ама и со години досега се некако теравме – ајде здравје, догодина.

Сега дојде тој момент вистински да се почувствува смената на генерации, не со еден двајца колку да не е без ич, туку онака комплетно, плански и систематски.

Можеби октомврискиот шок во Кожани и дефинитивното повлекување на Филип Миркуловски го забрзаа процесот на подмладување на националниот тим. Но, тој никако не е случаен и изнуден, туку плански и систематски .

Да ја имавме онаа нова данска 3Д технологија убаво ќе се видеше дека Раул Гонзалес во овој нов состав има барем по еден млад играч на секоја позиција или цела една нова постава – од Томовски на голот до Лазаревски на пикер.

И тоа никако не е случајно. „Ел командате“ точно знае што прави, има поддршка тоа да го спроведе и неспорен капацитет да го реализира на вистински начин. На игрчите останува да ја зграпчат шансата.

Здрава конкуренција и малку свежина дефинитивно ќе ја размрда „заспаната убавица“ од Кожани.

И така веќе нема ни простор ни трпение за суети, загарантирани позиции и монополи во националниот тим. На СП во јануари, Македонија треба да биде тим што знае што сака. Пораката одекна токму како што треба.

Точно, јасно и прецизно!

3.Рака и збор

Со Лино Червар во многу работи не се согласувавме, ама за едно „маго“ дефинитивно беше во право – тешко прифаќаме промени! Па дури и кога не оди работата, пак ни е поудобно да кукаме и да плукаме, отколку нешто да смениме.

И ние пак повеќе броиме кого ќе нема и што ќе загубиме, отколку кого ќе има и што може да добиеме.

Се разбира, не е тоа ни лесно откажување, ни потценување на важноста и на придонесот што го имале за македонската репрезентација тие што сега не се на список.

Па, треба да е човек луд за да каже дека не ни е важен еден Филип Миркуловски!

Ама, Жути го врами дресот уште пред две години, стискаше заби, стегаше колена и помагаше колку што можеше. Сега веќе не може и треба да ја почитуваме неговата одлука. Со сиот респект и благодарност за сите оние години на беспоштедна борба во националниот дрес.

Истото важи и за другите македонски ракометари од старата гарда. Па и за оние кои полека губат чекор со новите што доаѓаат со многу поголема желба, енергија, мотивација…Па, ако сакате и клупски со повеќе натпревари од ЛШ во нозете.

Македонија има добра база и не треба да се грижи за својата ракометна иднина, оптимистички порача и капитенот Кире Лазаров.

Свесен и тој и ние дека во Минхен колку што ќе биде важна неговата рака на терен, уште поважен ќе биде неговиот збор во соблекувалната.

Се вчитува...