СЕДМЕРЕЦ: Го „утнавме“ зицерот!

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Завршува приказната за вардарки, не баш онака како што посакувавме…

Вардарки не успеаја да го остварат сонот и да се збогуваат со шампионска титула за крај на приказната. Пет години, пет фајнал-фори, две финалиња, четири продолженија…И повторно, еден гол го делеше Вардар од европскиот трон.

Измешани емоции, солзи и разочарување. Овој завршен турнир од ЛШ во Будимпешта за вардарки по многу нешта беше различен од сите други.

Титулата годинава се посакуваше повеќе од кога и да е. Се стискаа заби и тупаници цела сезона, се голтаа „кнедли“ уште од јануари, но, влогот беше победа за крај. За чест и за гордост. За себе и за публиката.

Но, нешто секогаш недостасуваше во целата таа приказна за „црвено-црното Ферари“. Еднаш на терен, друг пат на клупата, некогаш во ложата…

Нормално, се ќе беше поинаку ако Чанаџија го погодеше „зицерот“, ако Лакрабер не ги „утнеше“ седмерците, ако Бонавентури не свирнеа, ако клупата ги погодеше тајм-аутите и измените и ако го смислеа последниот напад… Ако не ја заборавевме силата на Аморим и ако не мислевме дека Дуда нема да шутира само затоа што е и наша – Талеска?!

А, што ќе беше ако Лејно не беше како Штербик со сите оние невозможни одбрани? Што ќе беше ако Андреа Лекиќ не спасуваше кога никој не знаеше што со топката? Што ќе беше ако Јованка Радичевиќ не ги дадеше „оние три“ за егал­? Што ќе беше ако Суслина не го фатеше пеналот на Грот…

И, што ќе беше ако вардарки вчера си заминуваа од „Ласло Пап Арена“ со она спортското „ќе ви вратиме догодина“, наместо со „збогум, завршува приказната“?

Е, тука е таа разлика на Вардар со Кометал ЃП, што често милуваме да ги споредуваме! И Кометал „гинеше“ од Хипо и „кркаше“ неправда и суспензија. И тогаш Индира стискаше заби, како вчера Лекиќ. Ама тогаш не беше крај на приказната, туку враќање и тоа директно на врвот… Крајот дојде подоцна, ама титулата остана и се слави и ден-денеска.

Вардар го „утна“ зицерот многу порано од оној несреќниот на Чанаџија. Во јануари кога во соблекувалната стигна веста за распадот или можеби, уште лани во септември…

Кога сме веќе уште овде, во Будимпешта една споредба е неминовна. Ѓер сите четири титули во последните шест години ги освои со Амброс Мартин на клупата. Вардар за пет години смени десет тренери, што главни што споредни, ама всушност главни?! Шпанецот вчера од подиум се прости од Ѓер со зборовите „во Ѓер секој ден беше прекрасен“.

Вардарки играа „за нас“, играа со разочарување и инает, се простија со солзи и со стиснати заби.

Случајно, знам како дојдоа и како почнуваше приказната…

И не требаше вака да заврши. Никако!

Се вчитува...