СЕДМЕРЕЦ: Ќе сонуваме со отворени очи и од Минхен

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Репрезентацијата ја подмладивме, Србија ја победивме, Борко се ожени…тргнаа работите на убаво во 2019

1.Обединети прават чуда, „разнишани“ губат од секого

На почетокот на годината, пред секое првенство, било европско или светско, обично се вртат спомени, по некое видео или постови што не потсетување на оние убави ракометен јануарски момент со македонската репрезентација во изминатите години. Па дури и празниците кога си ги честитаме, после желбите за здравје и среќа, секогаш доаѓа и она – што ќе направат нашиве сега. Станува веќе традиција.

И тргнува приказната „ти текнува лани – лудница…а „цепелинот“ во Мец…а во Ниш еуфоријата и крстената вода и списокот со „министрите“…

И, нема крај на ракометните муабети во очекување на новиот настап на македонските ракометари и на она по што ќе го раскажуваме и овој јануари во наредните години.

Имаше еден од „ракометните“ колеги една убава колумна во Доха – „Запрете го јануари!“. Добро ја паметам затоа што секој јануари во изминативе десет години имало барем еден момент во кој секој што е по ракометот посакал да го запре и да потрае!

Убаво вели Бранче Ангеловски, за оваа репрезентација треба да се напишат мемоари. И во право е. Има што да се раскаже и за моментите на терен, но и за оние другите  што ја прават посебна оваа македонска репрезентација за која и легендата Штефан Кречмар едно време се чудеше – „не знам како, ама победуваат…“

„Луд натпревар…луда репрезентација која гине за секоја топка. Радувај се Македонијо“, листајќи налетав на еден овековечен момент од лани кога Македонија во Загреб одигра нерешено со Германија, тогаш се уште актуелниот европски шампион.

Ова се само дел од „мемоарите“ што вели Бранче, и моментите што ја прават силна најдобрата македонска репрезентација која знаела и на најсилните да им ги замрси сметките и да ја крене јавноста на нозе. А, нема ростер како Франција, ни лига како Германија…

Обединети им прават „цепелини“ и на шампионите, „разнишани“ губат и од Белорусија и од Грција.

2.Успешна проверка

Ако воопшто и може да има нешто добро во тој „историски“ болен пораз од Грција, тогаш тоа е единствено моментот на отрезнување дека таква игра и однос кон националниот тим не води никаде.

И добро е што критиките беа слушнати и сфатени на најдобар можен начин и по хоризонтала и по вертикала. Па тие што во Кожани не можеа да се „одлепат“, сега повторно „летаат“ по терен, тие што не мрдаа – сега пак гризат, тие што не можеа да се состават, сега пак со поглед се разбираат…

Тоа е она што повторно влева оптимизам во најдобрата македонска репрезентација, на два дена пред да летнат ракометарите за Минхен.

Репрезентацијата е подмладена, има помалку искуство, но доволно квалитетно да го понесе товарот. И на другата страна, повеќе нова енергија и поголема конкуренција за место во составот што ќе игра на Мундијалот.

Под водство на „ел команданте“ сето тоа може да функционира многу добро, не само на ова СП, туку и многу подолгорочно.

Впрочем, се виде тоа и на двата контролни натпревари со Србија. Колку и да се – контролни, ревијални, празнични… сепак, се главна проверка пред СП, со квалитетен противник.

За старт, имаме подмладена репрезентација, две победи со Србија… и една свадба пред СП. Се на се, убав почеток на 2019 година!

3.До каде ни се желбите, а до каде можностите?

Што може, реално, да се очекува од оваа македонска репрезентација во подмладен состав на ова Светско првенство во Германија и Данска?

Одбрана на 15-то место од СП во Франција, што значи 4.место во групата во најмала рака. Пласман во втор круг или најмалку 3.место во групата и по новиот систем влез во Топ 12 веќе ќе биде голем успех. Се над тоа е желба и убав сон.

Што има и што нема Македонија за остварување на германскиот сон?

За прв пат во последниве десетина години, Македонија на едно големо натпреварување ќе го нема Филип Миркуловски. Одговорноста достојно да го пополни местото и да ја заврши работата што досега беше на грбот на Жути, пред сите други ќе ја има Филип Кузмановски, нормално со сите дополнителни резервни варијанти што ги има Раул во тефтерот и сигурно, барем две-три опции како можно изненадување за противниците. Горан Крстески, Марио Танкоски или Филип Чурлевски, еден или двајца ќе бидат адутите во резерва.

Македонија се уште го има Кире Лазаров во врвна форма, а тоа е и тоа како битен фактор и темел на кој се гради играта на македонската репрезентација. Во идеална комбинација со 20 години помладиот Мартин Серафимов кој сега има животна шанса да ги учи и да ги научи сите „финти“ на мајсторот од прва рака. Старата „7“ и новата „77“ – левица „777“, ќе има голови, тоа сигурно.

Она што може да биде решавачко во дуелите на СП е голманскиот тандем. А, таму Македонија е добро покиена како ретко кога досега. Борко Ристовски и Никола Митревски се надополнуваат токму како што би посакал секој тренер.

Имаме одличен пикерски тандем со стандарден Столе Стоилов и Жарко Пешевски во животна форма.

Го  имаме квалитетот на Дејан Манасков на лево и на Гоце Георгиевски на десно крило, со добра алтернатива во Мартин Поповски и најверојатно, младиот Димитар Димитриоски во резерва.

Икуството на Филип Лазаров во комбинација со „германската“ истрајност и одговорност и плус младост и талент на Филип Талески добро ја покриваат левата бековска позиција.

Офанзивната формација е добро построена, дефанзивата е на грбот на Велко Марковски и на мајсторијата на Раул Гонзалес.

На клупата го имаме најдобриот во Европа – „ел команданте“ Раул Гонзалес и плус „мастер“ Роберто Парондо. Ако некој знае да ги нареди коцките на терен, тогаш тоа е тој!

Имаме и добар распоред со „не-европските“ на старт. Ако тргне со Јапонија и со Бахреин, после ќе биде полесно и во европските предизвици. Можеби не со шампионска Шпанија, ама со Хрватска и со Исланд може да биде „жестоко“ за втор круг. Минхен ќе биде голем предизвик за сите.

Израдувајте ја Македонија! Па да го „запреме“ и овој јануари „во мемоарите“.

Се вчитува...