СЕДМЕРЕЦ: Љубов или панаѓур

Екипа

Самсоненко најави разделба со „црвено-црното“ семејство, оти не го сакале навивачите и медиумите, а вардарци ќе ја бранат титулата во ЛШ и до јуни ќе кинат  ливчиња од  „бели ради“ – ме сака, не ме сака…

1. Доста е! Од кого…

По втор пат за неполни четири месеци, сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко, најавува повлекување од „црвено-црното“ семејство. Првата најава во април годинава беше само ракометна и пропадна. Или, од оваа перспектива била само одложена на подолг рок.

Оваа, втората, августовска најава е „глобална“ – повлекување на рускиот газда од ФК, ама и од РК и ЖРК  Вардар.

Во април годинава, пред четвртфиналето на вардарци против Фленсбург, проблем беше „врската“ со ЕХФ и данските судии со кои Вардар од поодамна не е во голема љубов.

„Ако има судиска неправда, јас ќе се повлечам од ракометот“ – најави тогаш  рускиот газда.

Но, не дојде до таму работата иако заканата остана да виси во воздух. Данците  си судеа, а Вардар го помина четвртфиналето, прв пат стигна до Келн и на крај заврши на подиумот со шампионска титула во ЛШ.

Пред почетокот на новата сезона, газдата повторно ги шокира вардарци. Овој пат причината беше повеќе фудбалска. Вардар претера малку повеќе со цените на влезниците, ја „продаде“  Јужна на Турците за дуелот со Фенербахче, навивачите се побунија, медиумите пренесоа.

А, Самсоненко навреден рече – „Доста е, ова е последна сезона во која како инвеститор вложувам во сите три спортски клуба во Македонија“.

За едни изјавата беше патетика. За други политика. За трети изговор и алиби. За четврти – потоп и катастрофа. За некои вината беше во „лошото опкружување“ и неспособните соработници, за други во медиумите што се дрзнале да критикуваат… Едни веќе го испратија во ЦСКА, други пак го молеа да остане „братот Сергеј“ , му праќаа фб писма и патетично му се колнеа дека ќе го сакаат „сега и секогаш“. И него …и парите.

Во причините не навлегуваме, во патетиките уште помалку. Секој газда си ја знае математиката.

Но, што е со спортистите во црвено-црните дресови? Посебно , во оние ракометните. Вардарки се европски вицешампионки. Вардарци се шампиони на Европа. Во претстојната сезона ќе треба да ја бранат шампионската титула со една голема неизвесност пред себе. Двата порази на првите два контролни натпревари во Германија, најавија дека „црвено-црните“ ги чека тешка сезона.

Ќе си оди, не си оди…Кој ќе дојде.

kolaz naslovi

2.Што е за право, не е  ни прв пат

Не залудно велат – многу арно не е на арно. Посебно во Македонија. Самсоненко реши да се повлече по убедливо најуспешната сезона во историјата на клубот, и ракометна и фудбалска.

Случајно? Па, тоа е малку тешко да се поверува. Посебно, по ептен „убедливите“ образложенија – ме сакаат, не ме сакаат.

Неспорно е дека со рускиот газда и со милионските вложувања, Вардар стана име во ракометна Европа, клуб со врвни услови и пожелна дестинација и за големи ракометни имиња, и во машкиот и во женскиот дел од „црвено-црното“ семејство.

Но, неспорно е и дека зад сиот тој сјај и блесок од „Кале“ до Аеродром, во изминативе четири години имаше и многу прашалници и извичници. Сепак, приказната беше убава, па ретко кој  се дрзнуваше да чепка „кај што не треба“.

А, за „љубовта“ на рускиот газда со навивачите и со медиумите, всушност, никогаш и не била од епски размери. Напротив, ако се пролиста низ насловите во изминативе неколку години, повеќе било – те сакам, не те сакам… Како ќе затреба, така.

За да биде парадоксот поголем, Вардар не бил никогаш позатворен за медиумите од овие последни три-четири години кога ги бележи најголемите успеси.

Што се однесува до навивачите, и тие не ретко биле „за една употреба“. Вардар е македонски бренд, клуб со историја, скопска традиција. И, оние вистинските вардарци го сакаат и го бранат тоа. И знаат дека некои работи не се продаваат за ниедни пари…како името, како „црвено-црниот“ дрес кој пред 3-4 години за малку ќе станеше руско „син“, како „Јужна“… Тука вардаровите навивачи не се даваат. Оние вистински. И тоа нема цена.

Има и други „новокомпонирани“ , тие пишуваат писма и транспаренти за „братот“ што не го виделе никогаш во животот.

И, затоа после е „ме сакаат- не ме сакаат“.

Толку небитно во битна ситуација!

3.Црвено-црни стандарди

Во најавата за заминувањето, сегашниот газда на Вардар, рече дека по оваа сезона ќе ги врати трите клуба на поранешните сопственици „во одлична состојба, со шампионски титули, добар рејтинг и без долгови“. Лесно кажано, ама малку потешко остварливо. Од правни, финансиски, па и ако сакате морални причини.

Иако, верувам дека за ракометниот Вардар ќе се најде решение дури и во таква ситуација. Тој што го сакал Вардар три децении, ќе го сака и кога другите не го сакаат. Тоа сигурно.

Што и да се случи во јуни или до јуни, без разлика  дали “црвено-црните“ ќе останат на европскиот трон или не, факт е дека Вардар постави нови повисоки стандарди.

И се под тоа ќе биде – малку.

Пелистер некогаш го пробиваше европскиот пат, Металург направи своевидна револуција. Но, Вардар стана европски шампион. Летвичката е таму.

Не во заблудата за „соседот и козата“.

Се вчитува...