СЕДМЕРЕЦ: Матен Вардар, брзо тече…

Екипа

Си оди Раул Гонзалес, си оди Лука Циндиќ, најверојатно и Штербик, во најава и Македа, Абутовиќ, Борозан, Марсениќ…Што е причината за ракометниот „егзодус“ во европскиот шампион?

1.Тимот што победува,(не) се менува?!

Ако изминативе неколку месеци беше „шпекулативно“ од оваа седмица е и официјално – Раул Гонзалес во јуни си оди од Вардар и го презема ПСЖ. Веќе од претходно се знаеше дека Лука Циндриќ е „таксан“ од Кјелце. Многу веројатно и Арпад Штербик наместо во Вардар, кариерата ќе ја заврши во Веспрем. А, кога веќе се затркала топката, сега секој ден излегува уште по некој трансфер на вардарци во најава.

И сите тие се во еден правец – на излезната врата.

На влезната, засега нема никој. Барем официјално. Тоа што навивачите си прават „Бајрам со умот“ е само замижување пред вистината. Ниту Никлас Ландин доаѓа во Скопје (впрочем, Данецот веќе потпиша нов договор со Кил до 2021), ниту пак Иван Пешиќ е „ист Штербик, а може и подобар?!!“

Вардар и пак да биде европски шампион, тешко дека ќе најде „подобар од Штербик“, посебно сега, после „егзодусот“. Прашањето е зошто шампионот не успеа да го задржи тимот што победува. Оти, нели, само пред половина година, „ел команданте“ велеше дека во Вардар му е супер, во Македонија му е убаво да живее и не оди никад. Ако се сеќавате, и Штербик имаше изјави дека од Скопје ќе оди во пензија…

Што „го замати“ Вардар во меѓувреме, за да се сменат работите?

Едни велат – понуди што не се одбиваат. И тоа баш за пола тим! Малку симптоматично. Точно е дека по шампионската титула вардарци, или поголем дел од нив, се „на цена“ во ракометниот свет. Точно е и дека Раул Гонзалес излезе од сенката и потврди дека е тактички „махер за ракомет“. И со Вардар, и во овој кус период како селектор, со македонската репрезентација. Впрочем, Французите и онака ни „ги демнат селекторите“. Двајца од последните тројца селектори на Македонија во последниве три години, завршија во француски клубови – Шамбери од македонската клупа го зеде Обрван, ПСЖ веднаш ни го „резервира“ Гонзалес…

Но, што направи Вардар за да ги задржи најдобрите и да ја продолжи шампионската приказна и во наредните две, три, пет…десет години? Според тоа како тргнаа работие, не многу. Клучни во сето тоа, сепак, беа изјавите на газдата на клубот дека се повлекува, најавите дека „секнуваат“ парите и дека од јуни Вардар го чека понор и неизвесност. Реакцијата на тренерот и на играчите, логично, беше – ако е таква работата, тогаш ние треба да си бараме друго „чаре“. И си го наоѓаат еден по еден. А, шампионскиот тим, полека си истекува од Вардар.

Она „пу пу не важи“ од газдата некој месец потоа, на прес-конференцијата со аплаузи и овации, на крај испадна  само „мачкање очи“ на јавноста и префрлање на топката кај „лошите медиуми“.

Но, соблекувалната, изгледа си ја знае вистина. Вистинската, не онаа другата, аматерски спакувана во „добрите медиуми“.

2. Бурен Вардар, мирен Раул

И, ако има добро во целата оваа ситуација што последниве месеци го замати Вардар, тоа е посветеноста на тренерот и професионалноста на играчите. Имало или немало плати и нови договори, командант Раул си ја тера работата. И својот мирен стил и сфаќање на работите, тивко но, авторитетно го пренесува на тимот. Објави дека заминува во ПСЖ, а два дена потоа мирно и сигурно со Вардар собра уште два бода во Шведска.

Во балканската практика секоја бура во тимовите, заминувања и доаѓања дури и оние во најава, неизоставно се рефлектира и на терен. Најчесто негативно. Но, Раул успеа да го смени тој код во Вардар. И да ја продолжи победничката серија, без разлика што ќе биде и на каде ќе тече Вардар во јуни или во февруари.

Клучното прашање сега е дали Вардар во скоро време ќе може да најде достојна замена за „ел команданте“ на клупата? А, бога ми, и за Штербик на голот. Двата клучни шампионски фактори. Другото, помалку или повеќе, се компензира.

И уште едно клучно – дали воопшто ќе бара.

3. Металург пак на калење

Гостинските победи против послабите противници некогаш знаат за бидат меч со две острици. Вардарки го прегазија Ларвик во Норвешка, па се опуштија малку повеќе на скопскиот дуел со истиот противник. И малку фалеше да се заборават во опуштеноста и да направат од готово вересија. Се спасија на искуство и на голманска инспирација.

На младите металурзи пак, им недостасува такво искуство и се сплеткаа во фаворитската улога против руските Чеховски медведи. Па тимот што го победија во Русија, во Скопје им одржа лекција и им ја прекина убавата серија од три натпревари без пораз што влеваше верба и надеж во најновиот Металург.

Но, дури и во лошите моменти некогаш има и по нешто добро. За почит е директната самокритичност на Ацо Јовиќ ставен во ситуација „Ѓекна ќе се врати, кога не се знае“. Но, и начинот на кој во победите и во поразите се калат новите македонски надеж.

Потфрлија клучните играчи и големите засилувања, но затоа пак Мартин Томовски брани кога ама баш никому не оди, а уште помладиот Мартин Серафимов презема одговорност како да има 37, а не само 17 години.

Има надеж, па дури и кога резултатите се „чекор напред, два назад“.

4. Ред е да тргне работата

Има надеж и за македонскиот ракомет, па дури и за женскиот со години заглавен во ќорсокак, со ентузијамот и решеноста на претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, да ги турка работите напред. Ако знаеме да го ефектурираме сето тоа на вистински начин.

Првата конференција за тренери иницирана од РФМ за „перспективите и можностите за развој на младинскиот ракомет во Македонија“ е прв чекор да се придвижат работите за кои со години наназад дигаме раменици и онака паушално, констатираме – па толку ни е.

Толку ни е без работа и стратегија. Но, со нови идеи, конкретни мерки и иницијативи и со професионален пристап од тренерите, а не со дигање раменици, работите може и мора да тргнат напред.

Базата ја имаме, можеби и подобра од Словенија. Имаме финансиски стабилна федерација, поранешни играчи, сега веќе млади тренери со голем потенцијал и желба да напредуваат, илјадници деца што тренираат и што го сакаат овој спорт, три екипи во ЛШ, репрезентација меѓу првите десет во Европа и секоја година по некое европско и светско превенство кај нас. Ни треба само словенечкиот систем и работа и школи и клубови што ќе бркаат резултати, а не само бројки и членарини. И работите мора да тргнат напред. Кога- тогаш.

Се вчитува...