СЕДМЕРЕЦ: На запад ништо ново, на исток се по старо

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Блескавите победи и „црните дупки“ станаа македонска реалност на голема сцена

1.Скалпот на „лавовите“ и чудото на Шпанците

Уште од спектакуларната победа во Монпелје кога Вардар веќе на стартот на сезоната го разниша европскиот шампион, се некако беше – премногу е добро за да биде вистинито. По сите турбуленции, одливи и повреди, малку кој очекуваше дека вардарци и во новата сезона ќе бидат супериорни исто како лани.

По првата изненадувачка победа против Монпелје и онаа фаворитската против Кристијанштад, по малку песимистички се чекаше Веспрем. Тука ќе се види кој е кој и до каде е.

Помина Веспрем како што помина. И покрај пофалбите за „црвено-црните“, сепак провејуваше и она „овие го местеле Врањеш да го сменат, не да победат?!“

Местеле, не местеле, Вардар си ги искористи своите пет минути. Мирно, дисциплинирано, тимски си ги прокнижи бодовите и си го фати врвот во „страшната“ група А.

„Ќе видиме сега со Рајн Некар Левен. Со Германците и со Јакобсен нема лабаво…“, така некако одеа ракометните муабети во пресрет на „мечот на неделата“.

Македонски синдром. Премногу е добро за да биде вистинито…Кај нас добрите работи се случуваат – случајно, не намерно.

Што е право, овој пат се наполни салата. Некој со верба во вардарци, некој со „селфи“ мотив, трибините „крцкаа“.

И дојде Рајн Некар Левен. Се врати Столе, се расплака Абутовиќ за старите скопски денови… Рикнаа „лавовите“ во првото полувреме, стивнаа во второто. Вардар и Парондо повторно мирно и трпеливо ги чекаат своите пет минути. А, потоа нагазуваат „црвено-црните“ во „црната дупка“ на противникот и завршуваат со кренати раце.

И со нови два бода на лидерската позиција.

Се пожали Јакобсен на судиите. Се жалеше минатата недела и Врањеш барајќи ја причината за поразот. Не им преостана ништо друго…

А, всушност, тајната за победите не е толку во судиите, колку што е во шпанската шема која засега, никој во елитата не успева да ја реши. Впрочем, по првите четири кола во ЛШ, само три екипи се со максимални четири победи – Вардар, ПСЖ и ПИК Сегед.

Односно – Роберто Парондо, Раул Гонзалес и Хуан Карлос Пастор.

2.Црвено – црно, а не е Вардар!

Наспроти блескавиот старт на Вардар и победите во низа, на другата страна е Металург или втората македонска реалност во европската ракометна елита.

Тимот од Автокоманда во „тинејџерско“ издание се бори со предизвикот на големата сцена. И досега тешко им оди. Потенцијал има, желба исто така,  констатирано е едно милион пати, ама нешто сепак, недостасува. Сила или стратегија за две полувремиња.

Четврти натпревар по ред во Лигата на шампионите и плус оние четири во СЕХА, Металург има добро прво полувреме и „црна дупка“ во вториот дел. И нема излез. Немаше ни вчера против Силкеборг. Данскиот тим дефинитивно беше фаворит против младите „металурзи“, ама „црната дупка“ веќе станува сериозен проблем и за ракометарите и за Данило Брестовац.

Да биде впечатокот комплетен, на „црната дупка“ во Данска стигнаа и два црвени картони – едниот за Брестовац на клупата, другиот за Велковски на терен.

Веќе е и небитно дали тоа било казна за сарказам или за очаен потег во нервоза и немоќ.

Битно е Металург да излезе од „дупката“ и да не летне и оваа генерација оти, и „децата“ веќе почнале да си го бараат „чарето“ за излез од Автокоманда во белиот свет.

3.Бутел им ги меша сметките на фаворитите

Не е ни Еурофарм Работник со капиталецот Филип Кузмановски и четири од четири за почеток, ниту Пелистер со засилувања од други континенти, ни Струга со Мојсо и компанија…Хит на стартот од новата суперлигашка сезона се новакот Бутел и Игор Котевски.

Колку што беше некогаш тешко да се задржи репрезентативниот пикер, сега е исто така тешко да се помине Бутел со Котевски на клупата. Го почувствуваа тоа фаворитите на своја кожа во последните две суперлигашки кола. Прво Пелистер, а викендов и Пролет на свој терен и тоа на „загревање“ пред стартот во Купот на ЕХФ.

За Пролет предупредување во вистински момент, за Бутел уште една победа за уште поголема самодоверба во суперлигашка конкуренција.

Се вчитува...