СЕДМЕРЕЦ: На здравје, пријателе!

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Бранислав Ангеловски како што играше со мерак две и пол децении, така со мерак и стави крај на кариерата заедно со пријателите во неговата Битола.

1.Збогум како што доликува

„Бранче вади бричот, не оди работава“.… Уживајќи во битолскиот ракометен спектакл, се сетив на оваа анегдота и на „милион“ други што знаеше да ни ги приреди Бранче Ангеловски во изминативе две и кусур децениии по ракометните терени.

Во тој јануари 2012 на Македонија и се случуваше ракометно чудо. Нерешено со Шведска, минимален пораз од Германија и победа против Чешка, ја преселија македонската еуфорија од Ниш во Белград. А, Бранче за да не ја расипе „кармата“ решил да не се бричи до крајот на првенство. И како за белја, во Белград дојде оној несреќен пораз од Данска што му го распакува куферот на Хансен. А, на Бранче му ја „спакува“ брадата. Доаѓа на тренинг со нов имиџ и ни објаснува:

Си велам, Бранче, вади бричот, не оди работава. Мора нешто да се „менва“ за пак да ни тргне“

Во никого тогаш душа не остана, ама после бричот, пак тргна работата. Македонија до крај на првенството не загуби ниеден натпревар.

И кога пак тргнаа победите, Бранче одново знаеше да ни ги развесели извештаите од Белград. Некој праша што прват нашите пред натпревар во соблекувална. А, Бранче „ни откри“ во свој стил по битолски:

„Шо прајме? Менваме чорапи за среќа. Се прајме само да победуваме“

Не беа само головите и натпреварите, победите и поразите, за Бранче Ангеловски ракометот секогаш беше повеќе од тоа. Ја сакаше и ја бранеше македонската репрезентација на нему својствен начин, играше за многу клубови и стекна многу ракометни пријатели и токму затоа неговиот проштален меч беше битолски ракометен спектакл.

Некој што никогаш не бил само обичен играч, не може ни да замине на оној обичен начин – со рамка и „пензионерскиот часовник“. А Бранче Ангеловски во своите две и пол децении на ракометните терени, беше многу повеќе од обичен играч. Одигра многу натпревари, повеќе од 15 години го носеше дресот на македонската репрезентација, беше дел од сите големи победи и преброди многу кризи до оној последен настап во македонскиот дрес на ЕП 2014 во Данска. Влетуваше кога треба, играше со мерак сите овие години и мераклиски, со убав ракометен спектакл, стави точка на долгата кариера. Во неговата родна Битола ги собра своите пријатели, поранешни тренери, соиграчи и репрезентативни колеги. Многу познати ликови и уште повеќе ракометни спомени одново ја наполнија салата „Младост“. Бранче наздрави со пријателите и со последниот гол симболично стави крај на играчката кариера.

А, оној хуманиот дел и средствата наменети за здружението „Борка“, му даде уште една дополнителна топла нишка и големина на Ангеловски и на целиот проштален спектакл во Битола.

На здравје, пријателе!

2.Ние ги видовме, тие нас не

Македонската репрезентација ја одработе неделата на ЕХФ и првата фаза од подготовки за јануарското ЕП во Хрватска. Изборот на селекторот беше репрезентацијата да тренира без контролни натпревари во оваа фаза. Но, дел од репрезентативците, сепак викендов поиграа ревијално во Битола, и распалија од цепелините во чест на Бранче Ангеловски.

Иако практиката е невообичаенa од она што беше досега, ефектите од собирот се максимално позитивни – тактичко воигрување, позитивна атмосфера, играчите задоволни, селекторот мирен и расположен…

Ние ги видовме противниците, тие нас не. И во тоа, сигурно има некоја мала стратегија.

3.(Не)пријателски на пријателските

Сите три репрезентации што ќе и бидат противници на Македонија во групата Ц на ЕП во Хрватска, викендов одиграа по две „контролки“. Колку и да се резултатите во втор план, Германија и Црна Гора имаа по еден пораз и по една победа, едните со Шпанија, другите со Чешка. Словенија пак во двомечот со Хрватска заврши со реми во Љубљана и со пораз во Загреб што многу лесно можеше да биде и победа. Овој дуел, впрочем, беше и најинтересниот викендов. Словенците ќе ни бидат прв противник на СП 2018, па можевме да видиме, генерално што не чека. Ривалството меѓу Словенија и Хрватска уште повеќе кога се Веселин Вујовиќ на едната страна на клупата, а, Лино Червар на другата, очекувано донесе малку пожесток дуел од оние вообичаените пријателски за воигрување. Словенија  во некомплетен состав демонстрираше воиграност, енергија и полетност и уште нови добри „клинци“ (од кај ли само ги вадат!?). Хрватска, па одигра во грч под товарот на старата слава, домашното ЕП, „златните“ очекувања и паника од порази. Уште еден индикативен момент е дека она што најдобро функционираше во хрватската репрезентација беше триото вардарци – Циндриќ, Чупиќ, Карачиќ.

„Раул изгледа е селектор и на Хрватска“, беше еден од хит-коментарите од македонската публика за хрватско-словенечката пресметка. Онака за „закачка“, да потсетат кој е шампионот.

Се вчитува...