СЕДМЕРЕЦ: Не е лесно, ама може да биде интересно…

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Одговорност за сите, голем притисок на никого – француски рецепт за успех

1.Французите знаат како

Силно европско првенство како што немало одамна кога се дамите на терен, Норвешка симната од тронот, силна Русија како тупаницата на Трефилов, но на крај уште еден триумф на францускиот систем и прва европска титула за Лејно, Дембеле, Лакрабер и останатите девојки од таборот на Оливие Крумболц.

Рекордни 14.060 гледачи на вчерашното финале во Париз потврдуваат не само дека Франција е дефинитивно, најсилна ракометна нација, туку и дека женскиот ракомет се враќа на голема сцена.

Францускиот систем што со години наназад резултира со доминација на машката репрезентација на Франција на сите големи натпреварувања, носи резултат и во женска варијанта – Французинките се актуелни светски и европски шампионки.

Тајната на успехот е во системот. Извонредна одбрана, добра тактика, совршен распоред на сили и рационално искористен целиот потенцијал.

Она што остана забележано како интересна статистика во финалето е податокот дека ниедна француска ракометарка во финалето не одигра повеќе од 37 минути и сите ракометарки што беа во составот, го одиграа својот дел на терен. Францускиот селектор со широка ротација, ја подели одговорноста на сите, го симна притисокот од секого и ја освои титулата!

Практично и рационално. И убав француски пример како треба да функционира една репрезентација. И да победува.

Кај нас и клупски, па и репрезентативно стално ни е маката во „кусиот ростер за ротација“. А, всушност, мајсторијата е во рационалноста.

2.Надеж, за почеток

Може ли и македонската женска репрезентација конечно да фати приклучок и да се врати на големата сцена?

Да бидеме реални, не сме ние ни Франција, ни Русија, ни Скандинавија… Далеку сме уште и од онаа „средна класа“ во Европа. Но, пред десетина години далеку од европската елита беше и една Холандија, со ракомет како споредна занимација. Па, сега се со бронза на подиумот и редовно во друштво со големите ракометни сили. Добра стратегија, правилна селекција и работа!

Македонија е на добар пат да се врати на големата сцена. Трите победи во претквалификациите се само еден чекор напред, оној вистинскиот селекторот Симе Симовски и македонските ракометарки треба да го направат во јуни.

Во баражот за СП 2019 во Јапонија ни се „падна“ Словенија. Не е лесно, но може да биде интересно. Оти, можеше да биде и Норвешка, па ќе се прежалевме уште отсега…

Со Словенија може да играме и да се надеваме. Словенечкиот состав е во транзиција, на ЕП во Франција беше едно од најголемите разочарувања. Додуша, Словенките се едни од ретките што ја победија Русија, но испаднаа уште во првата фаза и завршија како 13-ти.

Што би било кога би било…Ако до јуни се мобилизираме максимално, ако се искористи рационално секој потенцијал „а ла Крумболц“, тогаш можеби и надежта може да се материјализира во пласман на СП.

И во малку подалечна перспектива, би имале веќе искусна и респектабилна репрезентација на ЕП 2022 на кое ќе бидеме домаќини, заедно со Словенија и со Црна Гора.

Има надеж и поддршка исто така.

3.Подолгиот список освежен, покусиот ќе видиме

Има надеж и уште поблиску, очекувања за чекор напред и од најдобрите македонски ракометари кои за неполн месец ги очекува настапот на Светското првенство во Германија и во Данска.

Раул Гонзалес на поширокиот список за СП го вклучи и безмалку, целиот нов потенцијал кој може да внесе свежина во националниот тим. Во најава.

Но, конкретните потези ќе бидат многу појасни откако „ел команданте“ ќе го одбере потесниот состав и оние 16 што ќе настапат во Минхен.

Тоа дека на ова СП бркаме пласман во олимписките квалификации за Токио 2020 и е, ама веќе и не е изговор дека мора да биде „статус кво“ до таму некоја наредна прилика.

На октомвриските квалификации убаво се виде што може да ни се деси со односот „репрезентација – за – рекреација“.  И од искусните и од неискусните.

Впрочем, и УО на РФМ денеска даде оценка за октомвриската авантура во Кожани. И даде насока – што ќе правиме со нашата најдобра репрезентација – за понатаму. За несериозен однос кон националниот дрес , оправдување нема за никого.

Ако се залагаме може секого да го победиме, ако не се залагаме – ќе губиме и од Занзибар! Убаво си кажа Наумче Мојсовски.

Се вчитува...