СЕДМЕРЕЦ: Нова Година – нова надеж во новата генерација

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Ракомет има и кога ништо друго нема, така обично поминува спортската година во Македонија.Така беше и изминатите 365 дена.

Од Загреб до Вараждин, преку Клуж до Кожани имаше во оваа 2018 и кренати раце и спуштени глави. И радост и еуфорија и разочарувања како национална трагедија. Тоа е Македонија!

После сармите и празниците, секој јануари доаѓа ракометот како традиција што ја воведе оваа генерација која полека веќе заминува, но зад себе остава трасиран и добро разгазен пат за новите што доаѓаат.

„Македонија има добра база, нема зима за нашиот ракомет во иднина...“ – оптимистички најави капитенот Кире Лазаров.

„На добар пат сме…“ – во изминативе месеци често знаеше да каже селекторот на младинските репрезентации, Данило Брестовац.

Младинците што летово славеа против своите врсници на ЕХФ шампионатот во Скопје, зимава веќе тропнаа и на вратата од сениорската репрезентација. Дел сигурно ќе го имаат своето сениорско деби за десетина дена на СП во Германија, со шанса што не се пропушта.

Филип Талески и Филип Кузмановски сега се веќе „избрусени“ и верувам, веќе подготвени за примо-предавањето на должноста и одговорноста во националниот тим.

Кире Лазаров, Борко Ристовски, Дејан Манасков, Столе Стоилов…тука се дадат сигурност инспирација. И да пружат рака кога треба.

Или што би рекол „ел команданте“ – „имаме кој да ја понесе одговорноста, младите треба да уживаат во играта и да ја искористат шансата“.

Кога те води Раул Гонзалес, те „проигрува“ Кире Лазаров и те бодри цела Македонија, не може да не станеш играч и не може да нема резултат! На СП во Германија за десет дена, нема да биде ни лесно, ни едноставно, тоа сигурно.

Но, нема да биде ни невиден дебакл во Минхен, и тоа сигурно. Тоа нема никој да си го дозволи. Верувам, онака оптимистички предновогодишно.

Да видиш само како играме. Многу сме добри, Раул е неверојатен. Ќе бидеме хит…“ – слушам пред некој ден и искрено му се радувам на овој заразен оптимизам „од внатре“ и одново распламтен жар што ни згасна пред два месеци во Кожани.

И не е тоа само „билдање“ еуфорија на последниот ден од декември. Не е ни зголемен притисок пред СП, туку надеж и верба дека лекција е научена.

Дека репрезентација не е рекреација.

Дека без секого се може кога се мора.

Дека има и памет и квалитет во најдобрата македонска репрезентација, и потенцијал во новата генерација.

Дека „ќе кликне“ спојката на искуствотото и на младоста.

Дека работата, трпението и ако сакате, вложувањата, мора да донесат резултат…

И тоа не само кај ракометарите кои се пред-по новогодишно најактуелни, туку и кај женската репрезентација кој лани направи два, годинава три чекори напред. И кај младинските категории кои влегуваат во добар систем.

Новата година носи нови предизвици посебно за новата генерација.

Или ќе го зграпчиме моментот …или од февруари национален спорт ќе ни биде таеквондо!

Нека ни е среќна и бериќетна 2019!

Се вчитува...