СЕДМЕРЕЦ ОД МЕЦ – Ден 1: Ни се погодија соседите

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

1. Напаѓаме 17 на 6

Македонија може да биде и три пати аутсајдер, ама тоа не ги откажа ни македонските навивачи, а ни новинарите да се мобилизираат и овој јануари и кој како знае и умее да стигне во Мец. Од сите репрезентации во групата Б на СП има по 3-4 новинари. Македонија повторно „напаѓа“ во прес-центарот со „седум на шест“, како Лино.

Всушност, ние напаѓаме „17 на 6“.

Денеска чекаме и дополнително засилување.

Вчера додека летавме од Луксембург во Мец со „локалното авионче“ се шегувавме со пропелерите и со „лавчето“ на авионот. Како за нас авионот.

Македонците со „лавовско срце“ како „пропелерите“ на „Луксер“ ги вртиме сите можни варијанти како да поминеме во втор круг.

Само да помине овој Тунис, па после ќе тераме некако.

2. Француски манири

Слетавме со „пропелерите“ ги фрливме куферите во хотел и по старата добра рутина  – прва работа по пристигнувањето е да се најде „Мец Арена“ и да се „фати“ тренингот на нашите. Ни се чудеа малку љубезните француски домаќини, кога нападнавме онака бучни, а живи ненаспани по акредитации. Со насмевки се обидуваа што побрзо да ни ги прочитаат презимињата онака, со „ж“ по француски и да не најдат на списокот.

За среќа, овој пат и ракометарите сосе стручниот штаб ги начекавме малку понасмеани. Како не дочекуваа на последните гостувања во Чешка, фобија да те фати изјава да земеш. Сега малку омекна работа. Во Франција со малку француски манири. Добро е за промена.

Се надевам дека и вечер со Тунис ќе бидеме ко Французи.

На терен се разбира.

3. Сигурдсон, лифтот и кроасаните

Нашата репрезентација ни е далеку, речиси на 20-на километри од хотелот во кој се сместени повеќето од македонските мовинари. Но, затоа, Тунижаните и Исланѓаните ни се први соседи во „Mercurе“ хотелот во Мец. Едните на прв, другите на трет кат. Ние на средина. По две три заеднички возења во лифтот со Гудјор Валур Сигурдсон веќе сме на „ти“. До петто коло може и ќе го убедиме да „ не клава толку голови“.

Со Ваел Жалуз пак „делиме кроасани“ за доручек. Всушност, за репрезентациите има одвоен дел од ресторанот, ама како влегуваат и излегуваат мора да поминат покрај Македонците. На ракометните првенства вообичаено нема новинари во хотелиоте во кои се сместени репрезентациите, ама во Мец дојде до мала забуна, па случајно, станавме први соседи со противниците. Додуша, на Тунижаните не им беше баш по волја кога дознаа дека новинарите им се врата до врата, па дел од колегите денеска имаа преселба на „новинарскиот“ втор кат.

Како и да е тука сме. Информација од прва рака.

Новинарски ептен ни се погоди…

Се вчитува...