СЕДМЕРЕЦ: Победи, подвизи…и Шуман

Екипа

Три контролни победи на сениорите и +20 подвиг на младинците  како добра увертира за главниот јануарски настан – СП во Франција

1. Од Мец до Токио

Јануарската ракометна треска веќе фаќа замав. За два дена стартува Светското превенство во Франција, за три дена македонската репрезентација излегува на нов мегдан со Тунис.

Со Тунис во април заврши еден олимпискиот сон. Во овој јануари треба да почне нов. Такви се најавите. Од ланските олимписки (не)квалификации за Рио уште лечиме „национална депресија“ и „емоционално празнење“. Ама затоа пак за четири години доаѓа Токио. И ете ти нов сон за сонување, нови планови, проекции и ветувања…и поместување на фокусот од она што е сега, на нешто што треба да биде.

Каква врска има Тунис и мундијалот во Франција со Олимпијадата во Токио, таму во 2020?

Директно нема. Индиректно – има.

„Македонците сакаат да одат на ОИ во Токио во 2020. Треба да се создава репрезентација, сега можеме да постигнеме некој добар резултат, но не може ништо да се гарантира“ – им објасни селекторот Лино Червар на босанските колеги, по контролните дуели со БиХ во пресрет на СП.

Лансирањето на новата олимписката приказна пред СП има една лоша страна.  И лани пред Полска беше „не е толку важно ЕП, важни се олимписките квалификации и Рио“, па на крај од „жртвуваното“ ЕП, станавме „жртви“ во олимписките квалификации и останавме и без победа во Краков и после и без Олимпијада во Гдањск.

Затоа сега нека биде фокусот во Мец. Не во Токио. За Токио има време…Оти, ако не фатиме втора фаза во Мец, ќе паднеме во второто „шеширче“. А, од второто „шеширче“ за противник се добива некој од фаворитите, а фаворитите тешко се поминуваат во баражот за следното СП. Ако не се помине баражот, нема ни СП, ако нема СП, нема ни олимписки квалификации…и отиде Токио!

И да не биде приказната од овде до Токио, за македонската репрезентација – подмладена, „лифтингувана“, ослабена или засилена, важно е ова СП во Франција. Важно е репрезентацијата да има „глава и опашка“, да има игра, а не експерименти и „џокери“ за компромиси, да има резултат, колку и да е тешка групата, и да го сочува континуитетот во настапите. Во спротивно, олимписки квалификации, а уште помалку Олимпијада, нема да видиме ни на сон. Ни за Токио, ни за после Токио!

Токму затоа, фокусот треба да биде на „ова“ и „сега“, а не на „тоа“ и „таму“.  Важно ни е ова СП и тоа како…

2. Младите на дело, Ико на клупата

На секои десет години по едно младинско светско првенство. Машката младинска репрезентација за играчи до 21, успеа да ги помине квалификациите и со подвиг-победа против Турција со +20 да обезбеди пласман на СП во Алжир.

И да биде куриозитетот поголем, по 17 години со ист селектор. Илија Темелковски ги предводеше тогашните младинци – Лазаров, Мојсовски, Ристовски… на ЕП во Атина. Во изминативе близу две децениии тие младинци израснаа во носители на сите успеси на најдобрата македонска репрезентација. Со Ико на клупата таа генерација во 2008 стигна и до сениорското СП во Хрватска со кое почна подемот и новата ера во македонскиот репрезентативен ракомет.

Темелковски сега ја предводи новата надежна генерација со Талески, Нелоски, Кузмановски, Шилегов, Томовски, Даиловски…која полека треба да ја замени онаа старата.

СП во Алжир ќе биде вистинскиот и последен тест за оваа генерација на прагот на зрелоста, да покажат дека вредат, дека Македонија има ракометна иднина и дека овие +20 не се само „чудо од Кале“.

3. Ние и Босанците

И, пак да се вратиме на сениорите пред СП. Репрезентацијата на БиХ и спарингуваше на Македонија во трите контролни натпревари пред СП во Франција. Босанците имаат добра репрезентација и покрај “ракометната криза“ во нивните институции и контролниот тромеч беше добар избор за македонската репрезентација. Заедно со босанската репрезентација, со оној автобус што го обезбеди нивниот селектор Билал Шуман на свој трошок, во Скопје допатуваа и двајца колеги новинари, стари познаници од СП во Катар. Секогаш добро расположени за ракометни муабети, во тие неколку дена со гостите од БиХ свртевме многу теми. Тие импресионирани од ракометната пасија во Македонија, од култот кон ракометот, но и од вложувањата и од условите што ги има македонската репрезентација. Во споредба со нивната… Ние пак, воодушевени од нивниот ведар дух и заедништво, од желбата со која играат за својата репрезенатција, од жарот со кој ја бројат секоја контра и секој нов потег, од поврзаноста и од вербата дека ќе биде подобро …И од она што го први селекторот Билал Шуман за својата репрезентација.

„Селекторот го плати патот да дојдеме до Скопје… Имаме само едни тренерки, а играме пет натпревари, ама селекторот ќе смисли нешто. Ќе биде подобро“, со верба и со насмевка ми вели еден од босанските репрезентативци.

Не се тоа играчи кои не виделе ништо подобро. Напротив, повеќето од нив играле или играат во клубови во Германија, Шпанија, Франција… Но, за својата репрезентација без проблем со саати се возат со автобус, пет дена ги носат истите тренерки… И веруваат дека ќе биде подобро. Дека селекторот може да го реши секој проблем, иако работи без плата и за настапите плаќа од свој џеб.

Се жртвува селекторот, се жртвуваат и тие.

Босанциве ме ставија на мисла. Се е добро кога е… добро. Но, што ако некогаш се свртат работите. Знаеме ли да го цениме тоа што го имаме? Што ако, не дај Боже, некогаш се најдеме во нивната ситуација?

Би имала ли тогаш Македонија свој Билал Шуман?

Се вчитува...