СЕДМЕРЕЦ: Потрошен бренд во инстант тренд

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

И, жими парфемот од баба му на Тиери Анти што е сеедно дали си прв или последен во Келн!

1.Од тронот – во холот

Европа има нов ракометен шампион. А, Македонија уште еден поранешен. Монпелје го симна Вардар од тронот и по 15 години повторно е на европскиот врв.

Една година траеше радоста во „земјата на шампионите“. Викендот во Келн повторно не враќа во реалноста. Вардар не успеа да ја одбрани титулата, впрочем, како и сите други седум шампиони од Келн пред него. Не успеа да го скрши проклетството и да влезе во историјата. Реално, овој и ваков Вардар викендов беше далеку од тоа.

Лани беа на тронот, годинава вардарци завршија последни, во холот. Лани беа „среќниот дебитант“ со две победи со по еден гол. Годинава беа „несреќниот шампион“ со два порази, пак со по еден гол!

Вардар годинава во Келн го немаше ланскиот жар и луцидност, тактичката перфектност и тимската дисциплинираност невозможното да се направи достижно.

Во полуфиналето Монпелје точно го прочита секој потег на Вардар. Или, ако сакате, вечниот Патрис Канаје имаше одговор за секое движење на Раул Гонзалес.

Се истрошија ли идеите на генијалниот „ел команданте“? Или пак немаше кој да ги спроведе хируршки прецизно како порано? Нели во Келн тргнаа сите здрави и подготвени за историја, а потоа испадна дека имале проблеми со мистериозните повреди?! Што стана со Арпад Штербик?

2.„Догодина ќе бидеме посилни“, или не…

За волја на вистината, вардарци од јануари излегоа од колосек и ни во Келн не успеаја да се вратат во оној ритам што го тераа во првиот дел од сезоната. Заморот на репрезентативците и на селекторот од ЕП е она „пригодно“ објаснување за јавноста. Ама,  на ЕП не играа само вардарци, а и од Загреб до Келн поминаа четири месеци!

Малку кој ќе признае јавно, но ритамот во Вардар и во машкиот и во женскиот, дефинитивно го скршија состојбите во клубот, јануарските „разговори во соблекувалната“  и спакуваните куфери.

Жените дури испаднаа и посилни и онака „спакувани“ стиснаа заби за уште едно финале во Будимпешта. И на крај тие барем се начисто – сите си одат. Кај мажите или барем кај дел, се уште тлее некоја надеж дека се ќе биде добро кога ќе се скрати трошокот од жените. Дали?!

Она „догодина ќе бидеме посилни“ е само утеха за навивачите, оние „селфашите“ најватрените, кои никогаш не слушнале кој е Дејан Милосављев, ама „глава даваат“ дека ќе брани исто како Арпад Штербик. Не го знаат ни Кисељев ама веруваат дека е подобар од Кире Лазаров и Мелвин Ричардсон заедно. Супер!

Сергеј Горбок и онака се враќа во Скопје повеќе од семејни отколку од шампионски причини…

И толку.

А, заминуваат Раул, Дејвис, Штербик, Абутовиќ, Канељас, Македа, Марсениќ, Циндриќ…а можеби и уште некој.

Исто не може да биде никако. Посилни од порано, уште помалку. Впрочем, во Келн се виде како ќе биде кога ќе го нема Штербик на голот. Кога ќе се одбијат и сите оние другите, ќе остане само „руска репрезентативна база“, по некој Србин и наш Столе.

И толку.

Колку и да боли, факт е дека шампионите годинава го трчаа последниот круг во Келн. Вака како што одат работите, тешко дека Вардар догодина пак ќе „дотече“ до Ф4 во ЛШ.

Ќе ја паметиме и ќе ја славиме уште кој знае до кога ланската титула, тоа да. Ама, дека тоа е доволно, друго не е важно, тоа малку утре. Да беше така и Патрис Канаје ќе се пензионираше во 2003 и ќе уживаше во шампионската слава и еднаш освоената титула. Наместо да го тера иститиот систем уште 15 години за повторно да се врати на подиумот во своите „фергусонски“ полни 24 сезони на клупата на клубот што е синоним за ракомет во Франција.

3.„Спектакл свртен наопаку“

„Не дојдов во Келн да и купам парфем на баба ми туку да победам“ – рече тренерот на Нант, Тиери Анти и го сврте „ракометниот спектакл“ наопаку.

Овој Ф4 во Келн беше турнир на кој „малите“  ги урнаа фаворитите. Пред Нант и Анти паднаа париските „милионери“. Нант има „скоцкан“ тим со годишен буџет од 4.93 милиони евра. ПСЖ има тим на ѕвезди и за ракометни прилики, фантастични 17.4 милиони евра на располагање.

Монпелје има буџет од 7.25 милиони евра или околу десет милиони помалку од ПСЖ, ама има две шампионски титули, а ПСЖ ниедна. Го има Канаје две и пол децении на клупата и „фабрика“ за нови ѕвезди од калибарот на Лудовик Фабрегас и неверојатниот Мелвин Ричардсон.

Канаје и Монпелје испишаа една поинаква ракометна историја. Од „долниот дом“ во ЛШ стигнаа до подиумот и по список ги решија шампионите, прво Барса, па Фленсбург и на крај и Вардар.

Монпелје е француски ракометен бренд. ПСЖ е богат тренд на сцената.

Вардар пак е, потрошен бренд во инстант тренд.

Едно време, во „црвено-црното“ семејство омилено изрека беше „има се, може се“. Е сега, кога „имат снемано“, што би рекле охриѓани, се губи моќта и силата и малку останува од „шампионското“.

4.И, пак само Кире ни остана!

Македонија го немаше Вардар во финале, ама пак го имаше Кире Лазаров. Македонскиот капитен сега во дресот на Нант одигра уште едно европско финале, на 38 со енергија на 18-годишник, се уште гладен за голови и за успеси. „Ракометниот господин“ како што го викаат коментаторите, се уште воодушевува и ја крева публиката на нозе. А, богами и гордоста македонска.

Во својата историска колекција Лазаров додаде уште еден рекорд како најдобар стрелец на Ф4 турнирите со 65 гола. Оној од ЛШ веќе го имаше и претходно како прв и единствен што ја надмина границата од 1.000 гола во најелитното европско натпреварување. Со Барселона во 2015 година ја освои својата прва титула во ЛШ. Со дебитантот Нант годинава стигна до големото финале во Келн и беше на чекор до нова титула, во својот шести настап со четврти различен клуб…

„Chapeau!“, велат Французите.

Се вчитува...