СЕДМЕРЕЦ: Среден прст

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Што правиме кога работите ќе тргнат наопаку…покажуваме среден прст!

1.Се заредија „црвените“

Непоразениот Вардар падна во Кјелце. Уште еднаш Талант Душебаев ја одбрани полската тврдина и ја сопре победничката серија на вардарци на стартните четири.

Ако е за некаква утеха, Вардар загуби во Кјелце и во шампионската 2016/2017, па никому ништо. На крај сепак вардарци ја покорија Европа.

Ако нешто ви значи, во декември 2016 резултатот беше 27-24, сега 31-27. Разликата тука некаде, головите малку повеќе.

Но, она што ја направи разликата во синоќешниот дуел беше смиреноста и подготвен план „Б“ на Талант Душебаев, за секој случај. Да не помине како Врањеш и Канаје… И, нервозен Вардар на другата страна.

За разлика од рационалното и смирено издание што навикнавме да го гледаме и да му аплаудираме на претходните четири натпревари во ЛШ, овој пат македонскиот шампион делуваше нервозен и исфрлен од колосек. Непромислениот потег и црвениот картон на Вуко Борозан дополнително ги влоши работите и Роберто Парондо до крај не успеа да ги поврзе конците.

Вардар немаше план „Б“, Талант Душебаев имаше!

Кјелце на мегдан излезе со 13, на крај остана само со 12 ракометари кога „падна“ и вториот црвен картон за Алекс Душебаев. Секој што барем три пати во живот го гледал Талант Душебаев знае дека Киргизот е темпераментен исто колку што е генијален. Темпирана бомба покрај аут линијата.

Но, овој пат, чудно но вистинито, тренерот на Кјелце остана невообичаено смирен. Со прст на уста ги смири и своите играчи и премина на планот „Б“ – Лука Циндриќ. Или онака народски кажано, со негов камен го дотепа Вардар.

Талант не се жалеше на судиите како Врањеш претходно. Тој само само тераше по онаа старата социјалистичка „ништо не смее да не изненади“. И, тоа му донесе победа.

Вардар сезонава покажа дека се уште може да извади адут од ракав кога најмалку се очекува. Првиот дефинитивно е Дејан Милосављев. Вториот може да биде новодојдениот Кристијан Дисингер. За план „Б“ кога ако пак се „опушти“ раката на Борозан.

2.Што стана со Серафимов?

Вардар викендов прв пат падна во минус, Металург пак веќе се навикна на „црвено салдо“. На четирите претходни „металурзи“, додадоа уште еден минус и на гостувањето во Русија. Во „дербито“ на дното,  Чеховски медведи беа шансата за македонскиот вицешампион конечно да запише некој бод сезонава. Барем таква беше надежта. Но, наместо тоа, падна уште една нула во ЛШ и тоа уште потешка од претходните…

Данило Брестовац на дуелот со Силкеборг доби црвен картон, а потоа и еден меч суспензија од ЕХФ за „агресивното однесување“ и го пропушти дуелот во Русија.

Без првиот тренер на клупата и со се помала мотивација и борбеност во играта, младиот состав од Автокоманда се мачеше и едвај чекаше судиите да свирнат крај во Чехов. И ако претходно барем битката траеше некои 40-50 минути, овој пат јасно беше „колку е часот“ уште по првите пет.

Во поразот на Металург, петти по ред, мала утеха е што тимот од Автокоманда испишал нова страница во историјата на ЛШ со двата гола на 15-годишниот Стефан Додиќ. Иако, секако тоа е голема работа за српскиот тинејџер.

А, во меѓувреме, остана нејасно што станува со македонскиот тинејџер Мартин Серафимов. Младинскиот репрезентативец не беше во составот на Металург на гостувањето против Чеховски медведи.

А, не е ни болен ни повреден, што ќе рече нашиот драг колега Марко Марјановиќ од Арена.

Здрав и читав, Мартин Серафимов викендов наместо со Чеховски медведи во ЛШ, играше со Металург 2 во Богданци. Малку чуден потег во ситуација кога во Металург имаат ограничен ростер и хроничен недостаток на играчи… Но, и тенеденција, да бидат база од која ќе „растат“ македонските репрезентативци. Така велат…

А, „детето“ од Автокоманда нели, веќе „тропаше“ на вратата на сениорската репрезентација и беше „нов Кире Лазаров“…или, има „промена на планот“?!

3. Пролет со куса есен во Европа

Европската есен за ракометарите на Пролет траеше точно два дена. Скопскиот тим во своето деби во ЕХФ Купот одбра и двата натпревари против Баник Карвина да ги игра на теренот на противникот. И ги одиграа и се вратија елиминирани со два порази од чешкиот противник кој реално е тука некаде во рангот на нашите суперлигаши.

На саботниот натпревар избраниците на Никола Матлиески беа колку-толку рамноправни и на крај завршија со -4. На неделниот реванш во еден момент стигнаа и до -14 и изгледаа како да чекаат што побрзо да го фатат авионот за Скопје,

На крај работата испадна „што сум дигал рака да играм во Европа“.

Впрочем, како и секоја година, испаѓа дека е многу поинтересна и попрестижна е пролетната битка кој ќе биде четврти дома за да игра во Европа.

А, на есен кога ‘ќе дојдат европските купови – коло две и доста е!

Се вчитува...