СЕДМЕРЕЦ: Вардар наш и ваш!

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

„Ќе победи наш и ваш Вардар“, кога тоа ќе го каже човекот со неколку деценски „црвено-црн“ стаж, тогаш тоа е повеќе од само „обична“ најава за СЕХА финале…

1.Вардар не го дава пехарот

Вардар неприкосновен шампион, Скопје одличен домаќин, Македонија земја на ракомет, СЕХА респектабилен проект и „светилник“ во европскиот ракомет, како што ќе рече претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер. Така некако во една реченица би се сумирал овој викенд полн со ракомет, а богами и со емоции. А, кога сето тоа ќе се спои на едно место, тогаш тоа е спектакл што се памети, без дилема.

Второто скопско издание на Ф4 турнирот во СЕХА лигата, покажа дека овој ракометен спектакл е на рангот на оној од Ф4-ките во Лигата на шампионите. Она што е Келн во ЛШ, тоа викендов беше Скопје во СЕХА. И тоа е општ впечаток на гостите, не само наша домашна пристрасност.

Титулата на Вардар дојде како круна на перфектната сезона во СЕХА, реванш на Загреб за она загубено финале од 2013, загревање за финишот во ЛШ и уште еден подарок за публиката пред она „што ќе биде во јуни“. Нека е и „лебедова песна“, онака шампионски убаво звучи. А, можеби и нема… Ќе видиме.

Во најавата пред финалето, Михајло Михајловски како претседател на СЕХА лигата, но многу повеќе како стар вардарец, беше сигурен:

„Ќе победи наш и ваш Вардар!“

Кога тоа ќе го каже човекот со неколку деценски „црвено-црн“ стаж, тогаш тоа е повеќе од само „обична“ најава за СЕХА финале…

2.Радост и солзи

Се измешаа многу победи и емоции викендов во вардаровиот ракометен храм. Меѓу петочниот полуфинален и неделниот финален ден на Ф4 во СЕХА, во саботата славеа и плачеа вардарки.

Ја славеа победата против Митјиланд и пласманот на Ф4 од Лигата на шампионите, и тој рекорден, петти по ред. Ја исплакаа разделбата со скопската публика. Паѓаа солзи и на терен и на трибини…и пред „малите екрани“, колку и да беа скапа елита, во поголем дел затворена и недостапна во изминатите 4-5 години.

Вардарки во овој ѕвезден состав го одиграа последниот натпревар на домашен терен и се збогуваа со солзи. Тимот со кој практично и почна „руската бајка“, во јуни се распушта. Од следната сезона женскиот Вардар ќе има или нема нов буџет и нов јуниорски лик.

А во меѓувреме, некогаш престижното црвено-црно „Ферари“ ќе извози уште еден круг во Будимпешта и можеби во петтиот обид ќе се паркира на победничкиот подиум во ЛШ.

За причините и последиците од „ракометната бајка“ ќе расправаме потоа. Како по обичај. ЖРК Вардар имаше блескави моменти и пет фајнал-фори во ЛШ. Но, македонскиот женски ракомет, и понатаму се бори да излезе од црната сенка.

3.Како што правеше Обрван…

Со цела ракометна слава и пасија, со стабилна федерација, лоби и поддршка, Македонија генерално, се уште го бара вистинскиот ракометен пат. Кога во зацртувањето на идната стратегија се враќаме „два селектори“ наназад, значи сме ја згрешиле некаде насоката.

Муабетот е за вечно отворената, а никогаш прецизно не дефинирана национална стратегија која во џентлменскиот космополитизам некако по правило секогаш ни оди во втор план.

На последната седница на УО на РФМ, „пандорината кутија“ ја отвори Наумче Мојсовски. Предложи селекторот на најдобрата македонска селекција, да има македонски тренер за помошник, како што имаше Ивица Обрван пред две години. За доброто на македонскиот ракомет во иднина и за напредок на македонските тренери. Да имаме на крај и некое фајде од сите оние големи имиња што доаѓаат и на крај си одат, порано или подоцна. Ако може Парондо да биде медитерански селектор на сениорите со 10 месеци тренерски стаж на „женска клупа“, тогаш сигурно може на селекторската клупа да билда искуство и некој од македонските тренери. Тоа му беше муабетот на Мојсо…

Вардар е наш и ваш, репрезентацијата е само наша!

Се вчитува...