СЕДМЕРЕЦ: Ветено-посветено

Екипа

„Металурзи“ го почестија газдата со победа затоа што тој ги почестил со плата. И сите среќно си живееја…

1.Победа за плата, плата за победа

Нормално или не, тоа кај нас така оди. „Металурзи“ ветија дека ќе го победат Целје и ќе му ја посветат победата на газдата затоа што „и покрај сите проблеми, наоѓа средства за Металург да опстои како клуб и во иднина да се врати на старите патеки“. Така некако беше посветата пренесена од тренерот Александар Јовиќ. Како и да е, „металурзи“ си го одржаа зборот и го завршија настапот во СЕХА со ветено-посветената победа.

Во некои нормални услови спортистите играат за победи и титули и за тоа се платени како и сите други во своите професии. Сопствениците или газдите се тие што ги плаќаат и што им е обврска како и во секој друг бизнис, без разлика дали спортските клубови ги зеле да ги водат од финансиски интерес или од хоби и љубов кон спортот. Впрочем, затоа се газди. А, газда е тој што има, нели?

И се е добро додека секој си ги исполнува својот дел. Но, кога платите ќе почнат да стигаат еднаш на 4-5 месеци, а натпреварите на 4-5 дена, тогаш се вклучува алармот. Па следува ултиматум „парите до среда“, па на акцијата доаѓа реакција од другата страна, да се најде нешто да се закрпи работата. После суша и капката изгледа како море. Па, после доаѓаат пофалби и посвети. До некоја нова прилика. И после, пак одново.

Што ти е тренинг на топол оброк!

Замислете како би било газдата да доцни со платите во болница, па да ги исплати ретро и некој хирург она од благодарност, да му посвети некоја операција.

„Ова успешно извадено слепо црево му го посветувам на газдата затоа што успешно се справува со проблемите и ни ги „штеди“ платите со месеци!“

Па, тој, хирургот, после сигурно нема со очи да види плата. Ама спортот е нешто друго. Тоа е купи ден-помини…Па поминуваат и вакви банални ситуации.

2.Металург од друг агол

Шегата настрана. Без таа прес-церемонија со победите и посветите, Металург „и покрај сите проблеми, собра сили и нешто пари“ да ја заврши достојно „надворешната“ сезона полна со промени и турбуленции и ситуации „не знаеме на што сме“. Им останува уште битката на домашен терен. И заслужуваат заложба и поддршка уште еднаш да останат на нозе и во иднина да не мораат да се заблагодаруваат за она што си го одработеле и си го заслужиле.

Младиот состав, оној што остана, покажа дека има „штоф“ и ефект од минатиот труд во работата со младите категории. Имаа подеми и падови, големи победи, но и некои очајни порази. Што е донекаде и разбирливо во ваква „подгреана“ сезона со плати има-нема и со тренер на „службен пат“.

Каква-таква, во Автокоманда останува македонската репрезентативната база со играчите што доаѓаат и што созреваат во победите и поразите, па и во пребродување на кризите.

Александар Јовиќ коректно си го одработува својот дел од обврските, иако официјално, се уште „на замена“ за Лино Червар, кој еден ден можеби ќе се врати од Хрватска, а можеби и не… Тоа е веќе друга приказна.

3.Сметки и пресметки

Целта на „металурзи“ е во претстојниот суперлигашки плеј-оф да ја одбранат вицешампионската позиција. А, како што велат, може и да го „нападнат“ Вардар за титула.

Зошто да не! Оти и кај вардарци сезонава платите се на „почек“ и после со „посвета“. Вардарци иако се на пола спакувани, сепак, имаат ветени-посветени титули и финишираат шампионски во одбрана на тронот на три фронта.

А бидејќи и од Охрид се „заблагодарија“ на општината за финансиската поддршка и од Пелистер исто така, и тие ќе имаат мотив да се оддолжат со победи.

Од тие што стигнаа до завршницата, само Еурофарм Работник и Пролет нешто не се во тренд со јавните  „заблагодарувалки“. Ама и тие може да добијат по некоја победа „со посвета“, иако не ги слават за херојска исплата на „заостанатите“.  Како и да е не чека интересен финиш на сезоната.

Кога веќе тргна со поздрави и честитки…

Се вчитува...