СЕЌАВАЊЕ ЗА МАТЕ ПАРЛОВ – На денешен ден Скопје уживаше во спектакуларен бокс-меч: ТВ пренос за шише виски!

Пишува: Атанас Костовски

Повозрасните сигурно се сеќаваат,последниот авион што полетуваше од белградскиот аеродром Сурчин беше за Скопје. Официјален термин за полетување во 22 часот, но најчесто со барем еден час задоцнување,односно додека не слета и последниот авион од некоја странска дестинација, затоа што и од таму се очекуваат патници за Скопје… Поминав многу време на белградскиот аеродром, честопати поради работните обврски патував во југословенската престолнина, а таму, посебно во петок навечер, можев да ги видам сите македонски федерални кадри, со некои од нив тука ги создадов и идните пријателства.

Беше втората половина на ноември 1975 година. Слетав на белградскиот аеродром заедно со младата фудбалска репрезентација на Југославија од турнирот во Монте Карло. УЕФА организираше експериментален турнир со нови правила (уфрлувањето на топката од аут место со раце се изведуваше со нога). Репрезентацијата ја предводеше Сима Вилотиќ а тренер беше прославениот ас на Партизан, Владица Ковачевиќ. Јас патував како гостин на УЕФА, како претседател на Здружението на спортските новинари на Југославија, па учествував заедно со Вилотиќ, Ковачевиќ и шефот на југословенската делегација, познатиот фудбалски работник од Нови Сад, Петар Јоциќ на дискусијата за ефектот на евентуалните судиски измени на фудбалската игра. Во тоа време ние Македонците имавме две-третини од престижните југословенски спортски функции, претседател на Југословенскиот олимписки комитет беше дипломатот Гојко Секуловски а Босанците ја имаа функцијата претседател на Сојузот на организациите за физичка култура на Југославија (Хакија Поздерац). По претседателствата на Звоне Морнар (Хрватска) и Радивоје Марковиќ (Србија), секцијата на Спортските новинари на Македонија го доби ротирачкото претседателско место во Здружението, а по 12 години, речиси пред распадот на Федерацијата, колегата Александар Стиков исто така беше на чело на југословенските спортски новинари. Од секое патување во странство задолжително се враќав со шише виски и „штека“ цигари. Цигарите ги пушев јас (престанав да пушам на 28. август 1978 година), а вискито најчесто го пиеја други. Така се случи и за време на престојниот авионски лет од Белград за Скопје, но овојпат со задоволство се сеќавам на испиениот „Џони Вокер“.

Во прилично големата група патници го препознавам боксерот Мате Парлов, во тоа време покрај Маршалот Тито највлијателниот или ако сакате најпознатиот Југословен. Со својата екипа патуваше за Скопје каде по два дена на 22. ноември треба да ги вкрсти ракавиците со Американецот Били Фриман во својот осми професионален меч на патот кон светскта титула. Лични контакти не сум имал, но му пријдов, му се претставив и му ја раскажав „нашата“ средба на Олимписките игри 1972 година во Минхен непосредно по неговата победа над Кубанецот Гилберт Карило. Тоа беше извонреден меч, Кубанецот се најде дури четирипати во нокдаун, на 21 секунда пред истекот на втората рунда Мате Парлов го освои златниот медал. И телевизискиот коментатор потскокнува од своето место и тој како да го чувствува златниот медал на своите гради. По интонирањето на химната “Хеј Словени…“ златното момче, 24-годишниот Мате со златниот олимписки медал на градите, се упати кон коментаторското место на ЈРТ резервирано за колегите од српско-хрватското јазично подрачје каде што беше колегата Драган Никитовиќ. Брзо реагирав, зборувајќи, односно најавувајки го златниот Мате, прескокнав една коментаторска позиција, добро е, гајтанот беше доволно долг и навреме пристигнав до Мате кога веќе одговараше на првото прашање на колегата Никитовиќ. До крајот на разговорот олимпискиот шампион Мате Парлов зборуваше и во микрофонот на ТВ Скопје, од Олимписките игри 1972 година и македонскиот јазик беше присутен по олимписките борилишта…

На листа хартија напишано: „Има пренос од Скопје“, нека гледаат сите од Триглав до Гевгелија!

Мате секогаш имаше коректен, пријателски однос со новинарите. Го замолив и тој да придонесе, едноставно да биде на наша новинарска страна, па од престојниот негов меч во Скопје, ЈРТ да врши директен пренос.

„Се согласувам“ – со насмевка одговара Мате. „Но, за тоа ќе мора да разговарате со мојот менаџер Борис Крамаршиќ“.

Веднаш ме запозна со менаџерот, а тој веќе на првиот чекор сакаше да ме „купи“: „А да, познато ми е. Вие сте претседател на југословенските спортски новинари, за што сакате да разговараме?“

„Па ред е“ – велам, „по досегашните седум професионални мечеви и толку победи на Мате забележани на ринговите во Југославија и Италија, ред е да видиме еден директен пренос, и тоа од Скопје“.

„Може“, ми одговара менаџерот, ама во тој момент преку разгласот не повикуваат да се упатиме кон излезот број 4. „Ќе продолжиме во авионот“, се согласуваме двајцата.

Се сместивме во делот за пушачи и веднаш ми рече: „Знам каде одиш, ама од каде се враќаш?“

„Од Монако…“ – му одговарам, на што веднаш следи: „Значи, има нешто да се ‘попије’“.

Го вадам четвртастиот Џони Вокер, на фри-шоповите цената му беше околу 12 марки, љубезните стујардеси веќе ги беа подготвиле чашите со мраз. За да ја реализирам успешно идејата што веќе ми се вртеше во главата, му кажувам на прославениот менаџер дека оваа навика, секогаш да се враќам со шише виски од патување во странство, ми е од познатиот боксерски работник, едно време беше и претседател на Југословенскиот боксерски сојуз, веројатно и Ваш познаник, уредникот на документарната програма на ТВ Белград, Душан Ѓуриќ. Кога првпат патував во странство со патен налог на ЈРТ (Светското фудбалско првенство во Англија 1966) искусниот колега Ѓуриќ ми рече дека тоа е добра телевизиска традиција која овде во ТВ Белград со години ја почитуваат, сеедно кој ќе го пие, колегите, домашните или некои трети… Ете, си мислам, испадна сега трети да ја испијат познатата шкотска течност.

Погледнувам на часовникот, до Скопје уште дваесетина минути лет, морам да поминам во офанзива. Внимавам чашата постојано да му биде полна, Борис не ја крие својата љубов кон пијалокот. Па, поминувам во офанзива:

„Ќе биде полна салата под Кале, постои голем интерес за мечот, штета е таа убава атмосфера и верувам осмата професионална победа на Мате сето тоа да не го видат и југословеските ТВ гледачи. Кај нас во Македонија боксот е многу популарен, нашиот Аце Русевски стана балкански шампион, во последните две години освои бронзен и сребрен медал на европските младински првенства, има шанси во иднина да биде и европски првак во сениорска конкуренција (Аце 1976 освои бронзен олимписки медал, 1977 стана Европски шампион). Верувајте сите билети ќе бидат продадени, ќе дојдат и гледачи од југот на Србија и од Косово“.

Му дополнувам виски во испразнетата чаша, се наведнувам поблиску за да чуе: „Во колор техника ќе го реализираме преносот“.

Стујардесата најавува да ги врземе ремените, слетуваме на аеродромот Петровец во Скопје. Ги исцедувам и последните капки во чашата на Борис, вадам бел лист хартија и хемиско пенкало и му подавам на менаџерот Борис Крамаршиќ. Само кратко напиша:

„Има пренос“, потпис Б.Крамаршиќ! И додаде:

„Нека гледаат сите Југословени, од Триглав до Гевгелија!“

Утредена меѓу најрадосните што им ја соопштив веста за директниот пренос од мечот Парлов- Фриман беа Зоки и Вељо. Колегата Зоран Михајлов беше првиот коментатор а Вељо Личеноски првиот режисер на еден директен пренос од професионалната кариера на Мате Парлов.

На 22. ноември 1975 година на скопскиот ринг боксуваше еден од најпознатите светски боксерски великани на 20. век ! Задоволни беа и колегите од сите телевизиски центри во Југославија, верувам освен колегата Драган Никитовиќ кој немаше време да допатува во Скопје, преносот го коментираше од студиото во Белград. Мечот траеше 10 рунди, Мате Парлов убедливо победи на поени (8-0). Како благодарност за „бесплатниот“ пренос, Телевизија Скопје преку својот коментатор Зоран Михајлов му подари снимка од овој меч на Мате Парлов по неговото освојување на европската професионална титула во полутешка категорија.

Македонија на ЛОИ 1984 имаше дури пет освојувачи на медал

Триумфот на Мате Парлов потоа против Италијанецот Доменико Адинолфи на 10. јули 1976 година го следеа 100.000 гледачи на белградската Маракана. Титулата светски професионален првак ја освои 1978 година со победата против Аргентинецот Мигуел Анхел Куељо, а при крајот на истата година ја загуби од Американецот Мервин Џонсон.

Реџеп Реџеповски

Последната средба што ја имав со Мате Парлов беше на Олимписките игри 1984 година во Лос Анѓелес. Во улогата на селектор, југословенските боксери беа најпријатното изненадување на ОИ, освоија дури четири медали: Анте Јосиповиќ (злато), Реџеп Реџеповски (сребро) и бронзи Мирко Пузовиќ и Азис Салиху. Ги запаметив зборовите на Мате:

„Извонредниот Реџеповски можеше да победи во мечот со Американецот Мек Кори, само да боксуваше како во трета рунда, штета немаше време за пресврт!“

На Олимписките игри во Лос Анѓелес, спортистите од Македонија во рамките на југословенската федерација освоија дури 5 олимписки медали. Покрај среброто на боксерот Реџеповски, и златото на Шабан Трстена, бронзени медали освоија Шабан Сејдиу (борење), Азис Салиху(бокс) и Милко Ѓуровски (фудбал).

Сеќавајки се на Мате Парлов, на еден од најпознатите светски спортисти со кои сум имал можност да поразговарам, еве и јас да искористам дел од придобивките што сега ги имаат помладите колеги. Ви пренесувам она што за Вас, почитувани читатели на ЕКИПА, го „изгуглав“: Мате Парлов ја започна боксерската кариера на 16 години, а за исто толку години активно занимавање со благородната вештина го постигна следново: Во аматерска конкуренција има само 12 порази во 310 мечеви, кај професионалците забележи 24 победи, 2 нерешени и 3 порази. Првак на Југославија беше осум пати, балкански шампион – петпати, шампион на Европа двапати (1971 и 1973), европски вицешампион во 1976 година, олимписки шампион во 1972 година а светски аматерски првак во 1974 година. На двапати, 1972 и 1974 година беше прогласуван за спортист на годината во Југославија. Беше дипломиран економист, стигна до последниот магистерски испит, ја сакаше поезијата, ги читаше Бранко Радичевиќ, Лаза Костиќ, Петар Прерадовиќ. Го остави навреме пушењето, затоа што „во колективните спортови, кога ќе останеш без здив, друг може да те покрие, во поединечните спортови нема кој друг да го прими ударот…“ Ги сакаше сите, ги почитуваше, еднаш дури и платил на ЈРТ за да има пренос од некој спортски натпревар. Бегаше од политичките муабети, не сакаше да биде националист, со право истакнуваше: „Светот им се воодушевуваше на моите резултати. Сите ме прифаќаа како свој, и црните и белите. Го запознав светот и не можам да бидам ништо друго туку космополит“.

Остави и нешто како порака на младите спортисти: „Кога зпочнував сакав да бидам најдобар. Доколку не бев упорен никогаш немаше да дојдам на врвот.“

Во право беа сите оние што истакнуваа дека во осумдесетите години од минатиот век највлијателни, најпознати и најпризнати југословени беа Тито и Мате.

На 22. ноември 1975 година во Скопје, пред 45 години, на денешен ден, односно ноќ, боксуваше најпознатиот југословенски боксер на сите времиња.

Мате Парлов почина во 2008 година во Пула на 60-годишна возраст.

Се вчитува...