„Секоја чест на Кари, но Дражен е најдобриот шутер на сите времиња“

Стеф Кари повторно се најде во центарот на вниманието на американската кошарка уривајќи уште еден рекорд, овојпат за најмногу тројки во еден месец од НБА-сезоната. „Ѕвездата“ на Голден Стејт погоди седум тројки на дуелот со Сакраменто, стигнувајќи до неверојатни 85 погодени шутеви од далечина пред крајот на месец април.

Со тоа Кари го урна рекордот на Џејмс Харден, кој погоди 82 тројки во ноември 2019 година, но и тоа е недоволно за Стеф да го добие „епитетот најдобар шутер на сите времиња“ од легендарниот Реџи Милер. Поранешниот ас на Индијана му честиташе на Кари за одличното остварување, но и порача дека според него, бекот на Голден Стејт никогаш нема да го достигне нивото на легендарниот Дражен Петровиќ.

„Кој е најдобриот шутер на сите времиња? Најлесно би било да избирате меѓу сегашниот рекордер Реј Ален или Стеф Кари, кој ќе го урне неговиот рекорд. Сепак, јас сум член на „старата школа“ и нема да изберам ниту еден од овие двајца. Секоја чест на Стеф Кари, но Дражен Петровиќ е најдобриот шутер против кого јас имам играно, за мене и најдобар шутер на сите времиња. Штета што тој доцна стигна во НБА, а потоа Бог прерано го зеде кај себе. Сега сите зборуваат за брзото исфрлање на топката на Кари, но она што го правеше Петровиќ во наше време беше уште поневеројатно“, вели Реџи Милер.

 

Се вчитува...