Секоја чест за фудбалерите, но… оваa генерација може и мора многу повеќе!

Македонскиот фудбал, согласно посакувањата уште пред заминувањето за Букурешт и Амстердам, го доби соодветното внимание од Европа на ЕВРО 2020 веројатно и исполнувајќи ја целта како историско прво наше учество на собирот на најдобрите на Стариот континент. Но, сето тоа единствено од аспект на амбиент, навивачка поддршка, атмосфера и моменти со кои привлековме повеќе од сериозни симпатии кај европските земји. Затоа што, и да не се лажеме, секој секогаш има симпатии за оние ајутсајдерите.

И, толку… Кога би ги исклучиле само за момент еуфоријата, емоциите и патриотскиот набој, и би се фокусирале на изгледот на терен, сосема е јасно и за најнеупатените (ако само без залажување сакаме да си признаеме), дека играчки и резултатски потфрлиме. Кога пред заминување селекторот самиот ќе наметне амбиции дека основна цел е пласманот во вториот круг, а ако фудбалерите ви потенцираат дека ќе победиме и на трите натпревари, тогаш сигурно исходот од три порази со гол разлика од 2-8 не може а да не се оцени како потфрлање. Затоа што оваа генерација, со овие индивидуалци во своите редови, може и мора многу повеќе!

Да нема двојба. Тешко дека некој може да им замери на фудбалерите за желбата, мотивот, пожртвуваноста на терен. Но, македонската селекција тактички беше тотално загубена на двата клучни натпревари во Букурешт кои одлучија дали ние ќе ја минеме првата фаза од шампионатот. Едногласно е размислувањето буквално на сите стручни анализи од ЕВРО 2020 дека Македонија првиот натпревар со Австрија го загуби само поради селекторските одлуки за тактичка и играчка поставеност на стартот, и погрешните замени во второто полувреме кои финално пресудија за поразот. И сето тоа селекторот Игор Ангеловски го признал пред фудбалерите во соблекувалната, но не и пред јавноста.

За натпреварот со Украина и не треба многу објаснување. Повторената селекторска грешка од дуелот со Австријците не чинеше очајно прво полувреме и пораз. А, колку и да се обидуваме да се тешиме и со одиграното второ полувреме, добрите фудбалски познавачи знаат дека ниту во второто не доминиравме против Украинците кои имаа тотална контрола на резултатот, одржувајќи ритам за победа. Мечот со Холандија, пак, беше само забава и за двете селекции во кој, против една моќна селекција, во резултатски безначаен натпревар тешко и можеше нешто повеќе да се очекува.

Кога се ќе се сумира, сосема е јасно дека еден час добра игра во вкупно 270 минути, е премалку за резултатска позитива на едно европско првенство. Иако, јавноста и сите навивачи се задоволни од самото учество, доволен показатал за тоа дали ги исполнивме целите е разочараноста кај самите фудбалери. Затоа што тие самите повеќе од доволно знаат дека потенцијалот на оваа генерација ниту од далеку не е исполнет на ЕВРО 2020.

„Доста се тешиме само со тоа што сме само тука на Европско првенство, и дека сме некакви херои. Јас не се задоволувам само со учества, но некои фудбалери не може да разберат дека фудбал се игра 90 минути. Да, направивме успех со пласманот на Европското првенство, но јас дојдов тука со амбиции да дојдеме до резултат, до бодови, а не да бидеме туристи. Јас сакам и во иднина да постигнувам резултатски успеси за Македонија, затоа што знам дека можеме, а не да се палиме само со атмосфера“ – ќе рече и новиот капитен на македонската репрезентација, Стефан Ристовски.

Задоволување само со учества е одлика единствено на „лузерите“. А тешењето дека сме херои само со пласман на ЕП не може да донесе позитивен тек на развојот на оваа извонредна млада генерација.

Затоа што, разликата меѓу успешните и неуспешните е единствено во тоа што оние првите умеат недостатокот да го погледнат директно во очи. Успешните и неуспешните во голема мера и не се разликуваат во нивната способност, туку во реалниот капацитет самокритички да го достигнат својот потенцијал. Многу неуспеси во животот се само поради тоа што не сте сакале на вистински начин, со самокритика и реално согледување на нештата, да сфатите колку сте биле блиску до успехот. Оваа генерација има во себе и квалитет и потенцијал да биде победник на терен, а не само случаен партиципиент меѓу најдобрите!

Се вчитува...