Селекторот на Бугарија: Фудбалот промовира љубов, а не омраза… Така го гледам и мечот со нашите пријатели од Македонија

ЕКИПА во Разград, Бугарија
Владимир Булатовиќ

Фудбалската репрезентација на Македонија утре ќе ја стартува новата сезона во Лигата на нации. Прв противник за „црвено-жолтите“ е репрезентацијата на Бугарија која ќе не пречека на домашен терен во Разград.

Политичката ситуација меѓу двете земји е главна тема пред фудбалскиот меч. Селекторот на Бугарија, Јасен Петров на официјалната прес-конференција вели дека фудбалот промовира љубов, а не омраза, а за нашите фудбалери вели дека тоа се негови пријатели од Македонија.

„Фудбалот е најголемата игра во светот. И фудбалот е игра која промовира љубов а не омраза, па така го гледам и мечот со нашите пријатели од Македонија. Јас не сум политичар, и наспроти сите случувања меѓу двете земји знам дека ќе победи фудбалот кој обединува. Јас како тренер се концентрирам само на играта, и го подготвувам тимот за еден почитуван противник кој можеби ја има фаворитската улога, но ние си ги знаеме своите математики. Ова е крај на сезоната, и тежок период за сите играчи, се надевам дека сите ќе бидат здрави до крајот на овој циклус. Знаеме како ќе играме против Македонија, добро се подготвивме и ќе одиме на добар резултат“, изјави Петров. 

Натпреварот меѓу Бугарија и Македонија кој ќе се игра во Разград е закажан за утре со почеток во 18 часот.

Се вчитува...