Семејството Димушевски се враќа на тркачкиот асфалт

Едно од најпознатите македонски автомобилистички презимиња, членовите на семејството Димушевски, Александар и Влатко, повторно се враќаат на тркачките патеки. Со помош на Бранко Гушиќ како совозач, оваа сезона Влатко ќе настапи на рели шампионатот на Централно – европската зона, а сето тоа под команда на неговиот татко и легендата на македонскиот автомобилизам, Александар како директор на тимот.

И покрај автомобилистичката традиција, рели натпреварите не заживеаа во нашата земја и досега, освен неколку индивидуални настапи во 90 – тите, не сме имале меѓународна рели екипа. Првата трка на која ќе настапи двоецот Димушевски – Гушиќ е овој викенд, односно на 10 јули на релито Мионица, Србија кое се бодува за ЦЕЗ рели шампионатот.

Димушевски, како поранешен трикратен првак на Македонија на кружни патеки и Бранко Гушиќ како негов долгогодишен тимски инжинер, ќе настапат како членови на тимот АКК Сити со рели возило Hyundai i20 Coupe во класата RC5. Возилото е подготвено од бугарскиот тим MSA Motorsport Academy од Сливен кој воедно ќе ја дава и механичарската и логистичката поддршка за Влатко и Бранко. Со истото возило и со поддршка од бугарскиот тим, Димушевски и Гушиќ настапија и на релито Две езера кое во 2019 година се организираше во Охрид и Ресен.

„Целиот наш ангажман во македонскиот автомобилизам во изминативе 30 години секојпат ја имал пионерската улога како во тркачки, така и во организациски смисол. Релито како една од најтешките, најскапите и најкомплексните дисциплини во нашиот спорт остана како едно недополнето парче во нашиот мозаик. Ете, после долги години одлагања, конечно се одваживме на една ваква авантура. Оваа прва сезона ни е многу важно да учиме и да се подготвуваме за следната сезона да се обидеме со поконкурентно возило “да бркаме“ и добар пласман. Се надеваме дека ќе успееме да настапиме на неколку релија сезонава, се во правец на собирање на неопходното искуство“, изјави директорот на тимот, Александар Димушевски.

Релито Мионица е во вкупна должина од 200 километри од кои натпреварувачки се 69 поделени во 9 етапи, односно брзински испити. Сите етапи се возат во недела на 10.07. На релито се пријавени 28 екипажи од 3 земји: Србија, Бугарија и Македонија.

„Да настапувам на рели трки отсекогаш ми било сон и предизвик, кој, еве конечно собравме храброст да го претвориме и во реалност. Сепак, и покрај големото искуство што го имам во текот на мојата кариера во натпреварите на ридски и кружни патеки, релито е сосема поинаков “ѕвер“ кој бара многу возачко искуство, поинаква возачка техника и стратегија. Затоа оваа прва година се решивме да се натпреваруваме со послабо возило во пониска класа пред се со цел да го собираме рели искуството кое ни недостасува“, вели возачот Влатко Димушевски.

„Долги години со Влатко сме биле нераздвојни во автотрките и заедно сме поминале преку стотина трки на ридски и кружни патеки, но да настапуваме заедно како екипаж на рели трки со вистинско рели возило отсекогаш ни било сон кој многу пати сме го разговарале и мечтаеле. Јас ќе ја имам улогата на совозач, првата проба ја имавме во 2019 година на релито Две езера во Охрид. Имавме амбициозен план, но за жал, поради ковид ситуацијата, продолжението на проектот се одложи дури за оваа сезона. Во Србија ќе се натпреваруваме против искусни рели екипажи кои веќе ја имаат традицијата на српскиот рели шампионат, но како што рековме, почнуваме со учење и со желба за наградба и напредок во овој проект“, додаде совозачот Бранко Ѓушиќ.

Се вчитува...