СЕДМЕРЕЦ ОД МЕЦ – Ден 4: Така се смеат Македонците

1. Ќе победиме, нели…

Македонија сака победи, па нека се и над Ангола. Лино не кара, ама нас пак си не потфати еуфоријата. Едноставно, не можеш бре, да останеш рамнодушен кога се собираат Македонците од сите страни да навиваат за Македонија!

Не можеш  да останеш рамнодушен на знамињата и на црвените шалови, на шлемовите на фалангата што вчера светкаа низ секоја уличка во Мец. Не можеш да бидеш рамнодушен на поминати илјадници километри за 60 минути ракомет…

И, кој може да остане рамнодушен на она прашање со толку надеж:

„Ќе победиме, нели?“

Се затекнавме вчера пред сала и некако спонтано ги пречекувавме како што пристигнуваа нашите навивачи.

„Ние сме струмичани од Лозана“, „Само што стигнавме од Париз, инаку сме од Кочани, од Македонска Каменица и од Делчево…“, „Не е далеку, има 5-6 саати возење, не се пропушта кога игра нашата репрезентација“ – велат и прилепчаните од Германија… Дојде Данило Брестовац од Шамбери, дојдоа и нашите „Французи“, Дарко Георгиевски и Александар Ангеловски… Тука е и „скопската фаланга“. Дојдоа со автобус до Мец. Не е далеку, некои 1.800 километри. Се поздравуваме како сите да се знаеме сто години. Се зацрвене „фан зоната“ го чекаме почетокот на натпреварот, се довикуваме на сите можни дијалекти.

Ракометарите се загреваат, а трибините  во „Мец Арена“ полека се обојуваат во  „црвено-жолто“ .

„Македонија сака победа, милион срца една молитва…“

Ајде па остани рамнодушен ако можеш!

2. Да се залие победата

А, после победата, ракометарите на одмор во хотел, а „Фалангата“ низ Мец да ја прослави победата. Традиционално. Ние го завршуваме нашиот дел од работата и потоа и се приклучуваме на „Фалангата“. И тоа е дел од традицијата. Нека трае додека трае, победата мора да се прослави.

Тргнавме да ги најдеме. Сабота навечер „живо“, како и секаде. Пред „Виндзор паб“ оддалеку се слуша малку поголема „галама“ и смеа.

„Сигурно се овде. По смеењето. Вака се смеат нашите…“, ми вели колегата.

И беше во право. Таму беа нашите.

Така се смеат Македонците кога се радуваат на победа.

На излегување, пред пабот група туниски навивачи скандираат „Македонија, Македонија…“

И нив ги фатила еуфоријата!

3. Вујо и Лино со француски манири

Ги знаеме како лути ривали од  времето на прославените дуели меѓу Вардар и Металург…Со Вујо и со Лино секогаш има РАКОМЕТ, ама имало и „интересни“ изјави, „закачки“ и „материјал“ за новинарите.

Утре играат Македонија и Словенија, нова балканска ракометна класика овој пат на француски мундијал. Со „Маго“ на едната и „Вујо мајсторе“ на другата клупа.

На секој прес кај Вујо колку што има словенечки, секогаш има и малку повеќе македонски новинари. Ма, сите сме во комплетен состав! Вчера се поздравивме. Овие два дена сме „на различни страни“.

Туку, малку не изненадија селекториве. Ние по малку провоцираме „приказна“, а Вујо и Лино, ко по договор – само пофалби и „француски манири“

Ова „францусково“ помина некако. Ај, да видиме кој ќе биде утре „мангупот“…

4. Вино и сирење

Пред малку од хотелот ги испративме „соседите“ – Исланѓаните и Тунижаните. Нашите се слободни, а овие денеска играат меч, за нив да се биде или не. И за нас, по „математиките“ што би ни одговарало најмногу за осминафинале. Засега пресметките велат дека ќе навиваме за оние од трети кат, за Исланѓаните.

Ни едните ни другите досега немаат победа. Па, нека му ја мислат друг пат кога ќе делат хотел со македонски новинари…

Откако ги испративме „соседите“ направивме мобилна редакција на „нашиот“ втор кат. Има текстови, вино и сирење. И ние малку да фатиме по француски. Не само Лино и Вујо…

Се вчитува...